Популарност стекната преку уметност со храна
15 октомври 2013Понекогаш тоа се приказни со животни, копии на познати уметнички дела. Нејзините фотографии се многу популарни на Инстаграм и од нив сега е направена и книга. Инаку се вели дека појадокот е најважeн оброк во денот. За Норвежанката Ида Шивенес тоа е точно од различни апсекти. Појадокот и’ го промени животот.
„Со ова почнав да се занимавам случајно. Време за тоа имав само наутро, пред да одам на работа. Многу го сакам појадокот и тоа беше можност да направам нешто креативно“, вели Шивенес.
Таа е дипломиран социолог и работеше во норвешкиот Завод за статистика. Креативно таа се изразува преку појадокот.
„Две работи се фасцинантни - интересно е да се види што јадат луѓето, а истовремено причинува задоволство да се направи нешто неочекувано со храната. Всушност, со храната не треба да се игра. Јас препорачувам нешто друго“, вели Ида Шивенес.
Норвежанката го фотографира секое утро својот аранжиран појадок и снимките ги објавува на фото-платформата Инстаграм. Ида Шивенес, алијас Идафроск, многу бргу стана омилена. Повеќе од 150 илјади корисници следат што се случува во чиниите на Ида. Но, таа не е единствената. Од Малезијкaтa Хонг Ји, која е уметник, до американската домаќинка Саманта Ли - необичните креации во чинии се многу популарни на онлајн платформите.
„Голема предност на платформата за фотографии е што се добива директен фидбек. Потоа направив и блог, бидејќи сакав повеќе да пишувам за моите извори на инспирација. Таму има рецепти за уметност со храна, но и за вистински добар појадок“, вели Шивенес.
За експериментите со појадокот Ида не користи бои за прехранбени средства и секогаш се грижи применетите продукти да се од најдобар квалитет. Своите креации 29-годишната девојка најчесто ги јаде сама.
Ида Шивенес со задоволство се инспирира во музеите во родниот град Осло. Нејзе посебно и’ се допаѓаат сликите на експресионистичкиот сликар Едвард Мунк. Тој е најчесто присутен во нејзината серија „Уметност на тост“.
„Вака можам да ја поврзам мојата љубов кон јадењето и уметноста. Јас правам изненадувачки верзии на познатите уметнички дела. Така можам да покажам и какви ненасетени можности се кријат во прехранбените продукти“, вели Шивенес.
Нејзината колекција големи уметнички дела на тост веќе ја сочинуваат 23 чинии, а таа не е завршена. Со успехот на интернет дојдоа и понуди за работа. Во меѓувреме таа има пет сопствени колумни во весници во Норвешка, Данска и Германија. Тие текстови го привлекоа вниманието на една норвешка издавачка куќа, која и’ предложи заеднички да креираат книга.
„Убавото во проектот на Ида е што не е елитистички. Тој е едноставен и секој може и самиот да го прави. Тој не сака да биде нешто, што не е. Тој не мора да е перфектен - главно е што е забавен“, вели Бенте Рисе од издавачката куќа „Самлагет“.
Книгата веќе е издадена на норвешки, а на англиски јазик треба да се појави на 15 октомври. Ида Шивенес започна да организира и работилници, барања добива од цел свет. Даде отказ на работното место и самостојно се занимава со аранжирање на појадок.
„Сега прво целосно ќе се посветам на уметноста со храна, барем најмалку една година. Сакам да видам што се’ ќе се случува за тоа време. Како и да испадне, така ќе го прифатам. Никогаш не го очекував сето она што ми се случи досега. Сега едноставно оставам работите да одат сами од себе“, вели Шивенес.
Најважното таа веќе го спакува во книга - љубовта кон храната.