1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Популарноста на германскиот јазик во Македонија расте

7 ноември 2009

Катедрата за германски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје постои од 1958 година. Последниве неколку години се забележува зголемен интерес за додипломски и постдипломски студии.

https://p.dw.com/p/KQ15

Темелите на германистиката во Македонија ги поставиле проф. д-р Карл Зеленик од Љубљана, лекторката Маргарита Алексова од Скопје и лекторот Рудолф Прајнерсторфер од Виена.

За шест децении од постоењето катедрата за германски јазик и книжевност израсна во вистински германски лингвистички прозорец во регионов. Неколку стотици македонски студенти го усовршуваа германскиот јазик токму во тамошните предавални, а последниве неколку години се забележува зголемен интерес за додипломски и постдипломски студии, но и за германскиот, како странски јазик на нефилолошките факултети.

Во секој поглед се трудиме да ги воведеме европските стандарди, вели д-р Зорица Николовска – раководител на катедрата: „Најзначајната промена се случи пред 4-5 години кога се воведе кредит – трансфер системот, односно се воведоа Болоњските стандарди и на нашата катедра. Неколку генерации студираат според овој кредит систем, преку кого сакаме да станеме компатибилни со останатите европски универзитети.“

Германистите добро котираат и бргу наоѓаат работа

Studenten - Uni Skopje
Се’ повеќе студенти кои сакаат да учат германски јазик на Филолошкиот факултет во СкопјеФотографија: MIA

Студентите германскиот се почесто го учат во Германија и Австрија. Добиваат стипендии, додава д-р Николовска: „Добиваме од германската служба за академска размена, редовно, годишно одреден број на стипендии. Почнувајќи со стипендии во траење од еден месец, еден семестар, па се’ до стипендии за изработка на магистерски студии од два семестра кои потоа можат и да се продолжат.“

На Филолошкиот факултет во Скопје постои Катедра за преведување и толкување. Од неа излегоа и првите дипломци. Германистите високо котираат и брзо доаѓаат до работа: „Најчесто се вработуваат како наставници, во државните или во приватните училишта. Голем дел од нив соработуваат како толкувачи или преведувачи во разни претпријатија. Дел од нив се вработуваат во германските фондации и во германските институции кои се присутни во земјата. Споредено со останатите филолози, сметам дека германистите добро котираат на пазарот на трудот“, тврди Николовска.

Освен во Скопје, од лани дисперзирани студии има и во Штип. Германскиот како странски јазик од овој септември се учи и во прво одделение, ни откри доктор Николовска: „Германскиот се воведува како втор странски јазик во училиштата. Бидејќи од оваа година Владата донесе одлука за воедување на англискиот јазик уште во прво одделение, во 10-на основни училишта во Македонија се воведе проект за воедување на германскиот уште во прво одделение.“

Македонските студенти добро го владеат германскиот јазик

Weitere Angebote_Broschüre

Поддршка за обука на наставниците дава Гете институтот кој има канцеларија во Скопје. Годинава за првпат од своето постоење Катедрата по германски во Охрид организираше меѓународна конференција. Таа мина успешно и ги собра германистите од Југоситочна Европа. За местото на македонската – германистика д- р Дитмар Голтшниг од Грац за Дојче веле изјави: „По втор пат сум во Македонија и можам да кажам дека состојбата со германистиката во оваа земја е мошне добра. Одлични се познавањата на германскиот јазик на оние кои работат на оваа Катедра. Бидејќи доѓам од Грац кој се смета за порта на Југоисточна Европа можам да кажам дека сме отворени за соработка со овдешните германисти.“

Позитивна оценка за развојот на германистиката во Македонија, споредено со други европски земји даде и д-р Ханс Георг Потт од Диселдорф: „Импресиониран сум од нивото на познавање на германскиот јазик што го имаат студентите. Тоа ми се потврди сега кога ги гледам нивните професори кои имаат одлични познавања од јазикот. Гледам дека германскиот јазик и култура имаат релативно висок интерес, овде за разлика од некои други земји во регионот.“

Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Александра Трајковска