1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски: Засега без мерки во ОН за пресудата од Хаг

ЖА/макфакс/миа26 декември 2013

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски вели дека се исполнети сите критериуми за ефектуирање на пресудата од Хаг во однос на спорот со Грција и блокирањето на членството на земјата во НАТО.

https://p.dw.com/p/1Ah58
Фотографија: AP

Иако претседателот Ѓорге Иванов констатираше дека се исполнети условите за ефектуирање на пресудата од Хаг во однос на спорот со Грција и блокирањето на членството на Македонија во НАТО, сe‘ уште нема и конкретни мерки кои би се презеле од земјата и би се претставиле пред Обединетите нации, изјави денеска шефот на дипломатијата Никола Попоски, пред состанокот со шефовите на дипломатско конзуларните претставништва на Македонија.

„Исполнети се сите критериуми, во овој момент не би сакале да навлегуваме во тоа дали, како и што би можело да се случи, но се работеше за една констатација што ја одразува реалната ситуација на теренот“, рече Попоски.

Во однос на евроинтеграциите на земјата, тој смета дека претседавањето на Грција со Европската унија нема да донесе ништо ново, бидејќи во моментов Грција е преокупирана со сопственото економско досие. Сепак, во интерес на Македонија е ова да биде надминато, со што Атина, според министерот, би имала простор да биде активна во регионот, земајќи го предвид тоа што таа сепак има најдолг стаж како земја-членка на ЕУ од регионот.

„Оваа криза во Грција целосно го има дефокусирано вниманието на тамошното политичко раководство од надминување на спорот од еден аспект, а од друг аспект не гледаат никаков интерес да бидат повеќе инволвирани и во такво опкружување тие имаат доволна комоција. Единствената грчка активност е упатувањето на ултимативни пораки од аспект на ’или исполнетe ги сите наши желби во делот на тоа како да се надмине проблемот или нема да овозможиме понатамошен напредок во делот на евроинтеграциите’“, смета Попоски.

Министерот за надворешни работи порача дека Грција мора да има определено ниво на одговорност за тоа колку брзо се реализира европската идеја во рамките на Балканот, а таквиот нивен став ќе води до некакво придвижување за нешто што би можело да биде прифатливо за двете страни, а не само давање на ултимативни барања и отфрлање на иницирањата за зголемена динамика на средби на политички ниво, како што предложи Македонија.