Попоски: Да се задржи кредибилитетот на процесот на проширување
27 февруари 2012Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска (27.02.2012) во Париз се сретна со советникот за надворешна политика во Кабинетот на францускиот претседател Жан-Давид Левит. На средбата Попоски ги презентирал очекувањата на Македонија за членство во НАТО и старт на пристапните преговори со ЕУ.
Како што соопшти Македонското министерство за надворешни работи Попоски уште ги потенцирал и правните аспекти од пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, изразувајќи очекување дека овој значаен аргумент ќе биде соодветно прифатен и поддржан од земјите-членки на двете организации.
Попоски, исто така, изразил надеж дека ќе биде задржан кредибилитетот на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан.
Левит, од својата страна ги реафирмирал ставовите на Франција за активна поддршка на процесите на проширување со земјите од регионот, а во тој контекст и со Македонија.
Автор: СН/ АТ/ миа/ макфакс
Редактор: Александра Трајковска