1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поплавите може да донесат раст во економијата

Ролд Венкел / Александар Методијев5 јуни 2013

Долготрајните врнежи и високиот водостој на реките поплавија градови и рурални области во јужниот и источниот дел од Германија. Тоа предизвика енормни штети, но расчистувањето на последиците ќе и’ помогне на економијата.

https://p.dw.com/p/18jcT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската економија оствари раст од само 0,1 процент во првиот квартал од годинава. Сите надежи беа насочени кон следните квартали, но овие надежи во моментов буквално се потопени поради долготрајните врнежи и високиот водостој на реките.

„Како што нивото на реките се покачи, така се зголемија и проблемите на компаниите и економијата“, вели Александер Шуман, главен економист во Асоцијацијата на германски комори за индустрија и трговија ДИХК. „Најпрво дојде невообичаено студеното и влажно време за пролет. Тоа значи дека она што не било сработено на почетокот од годината поради зимата, би можело да се надомести, но не би можело се’“, додава Шуман.

Тој смета дека од германската економија апсолутно може да се очекува да го надомести тоа. „Тоа е позитивната вест. Но, нема да биде лесно. Тоа мора да се види кога сега ќе се погледне на поплавените региони“, вели Шуман.

Различни економски сектори и региони се секако и различно погодени. Во градежната индустрија има побарувачка до нејзините граници на капацитет, но во многу места не може да се работи, бидејќи градежните ископини се полни со вода. Гастрономијата и туризмот се посебно погодени од лошото време, а во земјоделството постои загриженост за културите, посебно за аспарагусот, јагодите и пченицата.

Montage VW Volkswagen Zwickau Deutschland November 2012
Фабриката на Фолксваген во Цвикау повторно работиФотографија: picture-alliance/dpa

Прекинати синџири за снабдување

Од поплавите се погодени исто така и бројни фирми. Како што е и светски познатиот производител на опрема за полнење шишиња Кронес. Тој мораше да го запре производството во две фабрики во горна Баварија, бидејќи вработените речиси и да не можеа да стасаат на работа. Слична е состојбата и во Цвикау, во Саксонија. Таму концернот „Фолксваген“ мораше привремено да го запре производството во својата фабрика.

„Кога се активираше алармот за катастрофа, во фабриката веднаш беше направен кризен штаб“, вели за ДВ Гинтер Зандман, портпарол на Фолксваген Саксонија ГмбХ. „Како резултат на тоа дека сообраќајната инфраструктура беше масивно погодена, моравме да претпоставиме дека и транспортерите повеќе не можат да постигнат“, додава Зандман. Затоа утринската смена во понеделникот била откажана. Но, сега фабриката повторно работи со полна пареа. Така се работи и во хемиската индустрија во Битерфелд, во централна Германија. Таму армијата успеа да ги обезбеди производствените постројки од поплавите.

Колкави ќе бидат вкупните штети, никој точно не знае. Катрин Јарош од Германската осигурителна асоцијација ги знае бројките од последната поплава од реката Елба во 2002 година.

„Осигурителните штети во последната т.н. поплава на векот изнесуваат до 1,8 милијарди евра. Сега е прерано да се прават сигурни и валидни проценки колкав ќе биде размерот на штетите. Бројките за тоа ќе ги имаме најрано следната недела“, вели Јарош.

Dauerregen und Hochwasser in Deutschland Juni 2013
Сопственикот на автомобилот на фотографијата може да се надева на парична отштета доколку има осигурувањеФотографија: picture-alliance/dpa

Економска катастрофа?

Една мала утеха е што секоја катастрофа создава мал посебен економски циклус, бидејќи она што е потопено во поплавите мора да биде заменето или поправено. Осигурителните компании информираат дека по секоја голема катастрофа се создава брз нов бизнис. Трговски центри за продажба на градежни материјали сега се жалат дека мебелот за во градина, скарите и косилките стојат наоколу непродадени, но во нив наскоро ќе се бараат алати и материјали потребни за реновирање и поправки. Економистите се согласуваат дека катастрофите можат да бидат импулс во економијата, но и дека дали тоа навистина ќе се случи и со германската економија би требало да се почека за да се види.