1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пописот и денеска ги конфронтира пратениците

14 октомври 2011

Напади и прозивки за манипулации и фалсификати, и по некоја лична навреда беа изречени во денешната собраниска дискусија за фијаското со пописот во Македонија

https://p.dw.com/p/12s8O
Фотографија: Petr Stojanovski

Воведот во денешното конфронтирање го даде пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски кој во процедуралната интервенција забележа дека пописот беше прекинат затоа што владата не сакаше да добие резултати што нема да бидат релевантни и точни и дека резултатите што ќе се добиеја не смееја да бидат причина за недоверба меѓу етничките заедници и партиите во Македонија. Според Димовски, со ваквиот став на владата, всушност паднале во вода тезите на опозицијата за политички дил меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

„Ако имаше договор тогаш ние пописот ќе го изведевме до крај, како што тоа го направи СДСМ со пописот во 2002 година, кога имаше фалисификат“, рече Димовски и додаде дека токму тоа е разликата меѓу оваа влада и тогашната влада на СДСМ, затоа што сега не се сакало да се добијат неточни резултати од пописот.

Димовски смета дека пописот покажа дека на Македонија веројатно и треба „некој пософистициран систем на попишување“, а за досега потрошените пари, на кои посебно инсистира опозицијата, тој забележа дека „без разлика дали досега се потрошени, пет, шест или десет милиони евра, штетата што можеше да се нанесе со нерелевантните пописни резултати ќе беше многу поголема од потрошените пари“.

Срам за Македонија

Овие забелешки на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ предизвикаа ерупција од реакции на опозицијата, па така Јани Макрадули од СДСМ забележа дека тој не кажа кој сакал да направи фалсификат во 2011 година, Никола Груевски, Али Ахмети или двајцата заедно. Целата подготовка на пописот и неговото реализирање беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Talat Dzaferi Abgeordneter im mazedonischen Parlament
Талат ЏафериФотографија: DW

„Штетата е направена. Таа не е само 14-те милиони евра. Срамот за Македонија вреди многу повеќе“, објасни Макрадули и на крајот од реакцијата додаде дека владата на Си Ен Ен потроши многу пари за рекламирање, а на една од последните репортажи насловот беше „будалаштина или национализам“, а во врска со пописот испадна дека и едното и другото се застапени“.

За Гордан Георгиев, пак, настапот на Димовски беше ужасно досаден и неодговорен затоа што и по шест години власт тој се обидува да ја дефокусира јавноста со пописот од 2002 година, кој патем ги има минато сите филтри. Тој побара јасно да се каже кој се обиде да изведе фалсификат на овој попис, забележувајќи им на владините партнери дека се впуштиле „во националистичка трка“ на попишување што поголем број Македонци и Албанци.

Талат Џафери од ДУИ забележа дека расправата оди во погрешен правец и кажа дека во нивната партија од формирањето во 2002 година до сега немало националистичко трчање.      

Изет Зекири од НДП посочи дека Димовски излезе на говорницата со слаби тези. Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во кое обвини за фалсификат Зекири го оцени како порака со краткорочни цели, за сметка на долготрочните цели на државата, за меѓуетничките односи и за владините коалициски партнери.

Бројки и букви

„Зошто не се повикувате на бројки, туку изнесувате политички цели? Пописот е математичка операција. Македонската јавност треба да знае колкав е наталитетот, морталитетот, миграцијата од 2002 година па наваму. Македонците во наталитетот учествуваат со 52,2 отсто, а Албанците со 32,7отсто.  Албанциите во вкупното население се 25,17 а Македонците се 64 отсто. Во морталитетот Македонците учествуваат со 74 проценти, а Албанците со 16 проценти. Ако овие проценти се сумираат ќе се добие релевантна бројка и тоа во ситуација кога нема покачување на наталитетот од 2003. до сега“.

Mazedonien Zensus Statistisches Amt
Фотографија: Petr Stojanovski

Митре Вељаноски истакна дека суштинското прашање не е зошто се прекина пописот, туку зошто се дозволи да се оди на попис кога се знааеше дека ќе има проблеми и обиди за фалсификат, како што обвини Весна Јаневска.

„Каде е тука одговорноста. Оваа влада се постави како пожарникарско друштво во кое се изгореа 10 милиони евра. Ние не очекуваме владата на ВМРО ДПМНЕ да води политика за следните 20 години, но можеше барем да знае што ќе се случи во следните 10 дена.

Силвана Бонева, пак, појасни дека не е точно дека за ВМРО ДПМНЕ не се ништо 10 милиони евра. „Тие се многу за Македонија и затоа многу искрено и аналитички пристапивме кон пописот. Затоа тргнавме со мешани пописни тимови за да нема недоверба меѓу етничките заедници, да нема сомнеж дека некој некому ќе му подметне“.

Според Весна Бендевска од СДСМ, во првите 80 дена од новата влада се забележени три резултати: одлични и прескапо платени прослави, наспроти срамна амнестија за Хашките случаи и неуспешен попис. Таа истакна дека знае дека власта нема да го поддржи нивното барање извештајот за пописот да дојде до Собранието, за што СДСМ поднела амандман,  и дека нема да се согласат да се формира анкетна комисија, но уверуваше дека кога тогаш ќе побараат политичка, кривична и морална одговорност за пописот.

Автор: Сашко Димески

Редактор: Борис Георгиевски