1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помош за жените во неволја

Карла Блајкер/ Симе Недевски8 март 2013

Непосредно пред празникот на жената 8 март, германската министерка за семејство претстави нов СОС телефон за жените - жртви на насилство. Но овој телефон не може да ги замени т.н сигурни куќи.

https://p.dw.com/p/17t7m

Стандарден пат како да се дојде до таканаречените сигурни куќи нема. Жените во неволја во сигурна куќа доаѓаат така што на пример соседите ќе слушнат како мажот ја злоставува својата сопруга и ќе повикаат полиција. Потоа полицајците ја носат жената во една од сигурните куќи, чиишто адреси се тајни. Друг пример е жена која штотуку завршила во болница да биде одведена во сигурна куќа пред нејзиниот сопруг повторно ја натепа. А можно сценарио е и негувателката во градинка да воспостави контакт со сигурна куќа бидејќи забележала дека едно од децата е целосно вознемирено или дури и самото повредено. Жените меѓутоа во сигурна куќа доаѓаат и преку училиштата, адвокатските канцеларии или лекарските ординации.

Анонимноста е од животна важност

„Патиштата се различни“, вели Елса Блек во разговорот за ДВ. Таа смирена жена со видливи брчки околу очите, кои можеби се последица од смеење, но кои набљудувачот може да ги протолкува и како знак на замор, веќе 25 години работи во здружението „Жени им помагаат на жените“. Тоа здружение во Бон има служба за совети против насилство во семејствата, како и сигурна куќа, во која има 22 кревета, а е сместена незбележливо на едно место кое е познато само на членовите на здружението и на жителките во куќата. Бидејќи, за жените кои тука бараат засолниште анонимноста е од животна важност. Некои од нив побегнале од болно љубоморниот сопруг или татко кој нивниот животен избор го смета за нечесен. Жените тука можат да се вселат со своите деца и да останат онолку долго колку што е потребно.
Во службата за совет се јавуваат жени кои не се во акутно опасна ситуација. Телесното насилство е тема, но не и единствена. „ Жената не мора веднаш кај нас да дојде со помодрено око“, вели Елса Блек. „Доволно е и ако и се врши голем притисок или ја затвораат, ја спречуваат да посетува курсеви за јазик или постојано сакаат да ја контролираат. И тоа е еден вид психолошко насилство“.

СОС линии, сигурни куќи и интернет- форуми

Министерката за семејство Кристина Шредер од Христијанско- демократската унија (ЦДУ) отвори нова СОС телефонска линија, која беше пуштена во употреба во Берлин во средата (6. март 2013). Таа телефонска линија работи 24 часа на ден како помош за жените кои можат да ја повикаат службата за совет ако доживеале сексуално или насилство во семејството. „Со тоа создаваме бесплатна понуда за помош, која е достапна во секое време, независно од местото“, појасни Шредер за весникот Лајпцигер Фолкенцајтунг.
Интернет форумот "gewaltlos.de" што во превод значи без насилство, кое го основа социјалната служба на католичките жени, е понуда со пониска граница на толеранција, вели за ДВ основачката Ангелика Виденау, која работи во локалното здружение во Келн. Жените и девојките кои бараат помош се пријавуваат на интернет форумот со анонимно име и на тој начин можат да стапат во контакт со советувачите. На тие често млади жени им е тешко, со зборови да ги искажат своите искуства со насилството или злоупотреба, додава Ангелика Виденау. Притоа помага форматот кој подразбира четување односно разговор, појаснува Виденау: „Поедноставно е да пишувате за проблемите кои ве измачуваат. Освен тоа, не морате директно да зборувате, тука имате можност прво да размислите.“ Во идеален случај меѓутоа не останува само на виртуелен контакт. Целта на страницата "gewaltlos.de" е на тие жени и во вистинскиот живот да им обезбеди контакт личност за помош.

Целосна заштита не е можна

Директниот човечки контакт и отворената врата на еден сигурен дом: тоа е она што сигурните куќи ги прави важен фактор пред понудите како што се СОС телефоните или онлајн разговори, кажува Елса Блек. „Телефонското советување никогаш не може да замени една куќа во која навистина можете да пронајдете сигурност“, истакнува таа со уверлив глас, „една куќа, во која можете да дојдете со своите деца ако сте во опасност, каде ќе се чувствувате сигурно и каде мирно можете да спиете.“
Меѓутоа, сигурното опкружување, кое жените полека повторно го градат во сигурните куќи, не може бесконечно да се прошири. Надвор од четирите ѕида таа среќа е од кратко трење. На прашањето што најмногу ја погодило во незините 25 години работен живот, Елса Блек одговара: „Она што никогаш не го забораваш е кога една жена нема да преживее. Откако работам тука три жени беа убиени од своите сопрузи. Тоа не се случи во сигурната куќа туку надвор, но се случи во период во кој тие се’ уште живееа кај нас. И ние не можевме да ги заштитиме.“

Почеток на нов живот

Токму тоа мора да се спречи, истакнува Блек и притоа станува повторно решителна во своите искази, нагласувајќи дека не сака во преден план да ги стави најлошите случаи, туку позитивниот развој на случувањата, кои има можност да ги воочи во својата работа: „Кога децата ќе поминат неколку месеци во сигурите куќи, можат да забележат дека повеќе не мораат да се плашат, не мораат повеќе да мислат: 'Ќе дојде ли сега некој од зад аголот и ќе почне да врши терор?'. Навистина голема радост е да се види како тие деца процутуваат и ја напуштаат сигурната куќа во сосема друга состојба од онаа во која дошле во куќата.“
Тие промени се случуваат и кај возрасните. „Тука живеат луѓе, кои доживеале многу лоши работи, но кои забележуваат кога тие лоши работи повеќе ги нема, тогаш и на животот гледаат поинаку. И тоа е убаво, да се следат таквите развои“, вели Елса Блек со насмевка на лицето.

Frauenhaus - Notausgang für Opfer häuslicher Gewalt
Сигурна куќа за жени жртви на насилствоФотографија: picture-alliance/dpa
Bundesfamilienministerin Kristina Schröder
Германската министерка за семејство Кристина ШредерФотографија: picture-alliance/dpa
Frauenhaus - Notausgang für Opfer häuslicher Gewalt
Сигурна куќа за жени жртви на насилствоФотографија: picture-alliance/dpa