1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помошта тешко пристигнува во Африка

27 јули 2011

Воспоставувањето на воздушниот мост со најзагрозените во Сомалија оди тешко, поради блокади на тамошните власти. Меѓународната заедница бара поголема соработка од исламистите

https://p.dw.com/p/124jv
Центар за исхрана во СомалијаФотографија: dapd

Спроведувањето на воздушниот мост на ОН за снабдување на жртвите од кризата со глад на Рогот на Африка тешко се воспоставува. Првиот авион со прехранбени производи, кој полета вчера, мораше да слета во кенискиот главен град Најроби, поради проблеми со царината. Се очекува летот да продолжи денеска. Планирани се летови до Могадишу, до етиопскиот град Доло, како и до кенискиот Ваџи, на границата со Сомалија. Таму ситуацијата и натаму останува најдраматична. Според податоци на ОН, околу четириесет илјади луѓе морале да ги напуштат своите домови во потрага по храна.

Германскиот министер за развој, Дирк Нибел, побара од исламистите во Сомалија поголема соработка во напорите за надминување на гладот во земјата. Милициите Шебаб мора да им дозволат на меѓународните организации пристап и до териториите што се под нивна контрола, истакна Нибел во интервју за германски весник. Исламистичката милиција со години се бори против кревката централна власт во Сомалија и контролира големи делови од земјата.

Автор: ТТ/дв

Редактор: Симе Недевски