1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помошта за Мијанмар бавна поради условите на власта

7 мај 2008

По ураганот „Наргис„ во Мијанмар бројот на жртвите порасна на преку 22 илјади. На многу луѓе им се заканува смрт од зарази. Владата на поранешна Бурма побара меѓународна помош, но под строги услови.

https://p.dw.com/p/DurI
На преживеаните им се закануваат заразни болестиФотографија: picture-alliance/Bildfunk

Повеќе од 22 илјади загинати, 40 илјади луѓе се водат како исчезнати. Милион до два, според проценката на меѓународните хуманитарни организации останаа без покрив над главата. Стотици илјади имаат потреба од вода за пиење, храна и лекови. Здравствените експерти страхуваат дека можат да се појават заразни болести како тифус или колера. Во меѓувреме започна меѓународната помош за Бурма. Снабдувањето на луѓето во најтешко погодените региони во делтата на реката Иравади е најголемиот предизвик, изјави координаторот на Обединетите нации за хуманитарна помош Ричард Хорси:

„Делтата на Иравади е скоро целосно поплавена. Посебно местата Богалај и Лапута. Тие се најтешко погодени и таму штетите се најголеми„.

Меѓутоа, и покрај барањето меѓународна помош, таа ќе се одвива според строги правила, најави воената хунта. Соработниците на хуманитарните организации за секоја мисија во погодените подрачја, ќе треба да располагаат со специјални дозволи од владата. Освен тоа, поради колабираниот систем за врски и немањето струја, тешко се воспоставуваат и врски со оваа земја. Европското биро за хуманитарна помош во Брисел, само телефонски може да ја добие својата канцеларија во Рангун. Портпаролот на Европската комисија Амадеу Алтафај побара од воента хунта побргу да дозволува влез на помошта во земјата:

„Единствената наша цел е да ги ублажиме страдањата на луѓето. Затоа се надеваме дека владата на Бурма ќе направи се да не поддржи. Мислам пред се на пристап за хуманитарците до регионите зафатени од катастрофата, односно брзо издавање визи и поставување комуникации„.

Слично барање упати и американскиот претседател Џорџ Буш:

„Нашата порака до воената власт гласи: ’Дозволете САД да ви помогнат, да им помогнат на луѓето. Ние сакаме да им помогнеме за да ја надминаат оваа страшна катастрофа. И во исто време, се разбира, сакаме да живеат во слободно општество’„.