„Помор“ на фаворитите во германскиот куп
1 август 2011Четири бундеслигашки тимови не успејаа да го минат ниту првиот чекор во германскиот фудбалски куп. Во неделата Фрајбург се лизна кај третолигашот Унтерхахинг и загуби со 2:3. За играчите на нисколигашот тоа беше остварување на сонот.
„Мислам дека секој во клубот, од чистачката до директорот, ја заслужија оваа победа. Машки се боревме, дадовме се’ на теренот. Чувството е извонредно“, изјави фудбалерот на Унтерхахинг Јонас Хумелс.
Почетокот на сезоната не ветува многу ниту за Вердер од Бремен. Тимот загуби од третолигашот Хајденхајм со 2:1. Спортскиот директор Клаус Алофс ги сумираше впечатоците.
„Фудбалот е игра во која секогаш се прават грешки, а ние ги направивме во клучните моменти од мечот. На крајот не можевме да ги исправиме. Ова беше една бламажа“.
Во аут е и шампионот од 2009 година, Волфсбург по поразот од 3:2 кај четвртолигашот Лајпциг. Тренерот Феликс Магат беше полн со иронија по мечот.
„Тоа беше еден убав, типичен куп натпревар, за што се разбира и ние придонесовме. Во секој случај многу љубители на фудбалот се израдуваа на мечот и на резултатот од него. Ние секако не бевме меѓу нив“, рече Магат.
Катастрофа за Леверкузен
Сепак, печат на првото куп коло му даде мечот во Дрезден и катастрофата која ја доживеа Бајер Леверкузен против домашниот Динамо. Фудбалерите на второлигашот го остварија наизглед невозможното и успеаја, не само да ја надокнадат негативата од 0:3, туку по продолженијата и да победат со 4:3. Тренерот на Дрезден Ралф Лузе знае каде беше извојувана победата.
„Со двата гола кои ги постигнавме, играчите си ја вратија самодовербата, а Леверкузен беше шокиран. Потоа успеавме тоа, малку и среќно, да го претвориме во победа“.
Останатите фаворити суверено ги одбранија фаворитските улоги. Шампионот Борусија Дортмунд оствари лесна победа од 3:0 против нисколигашот Зандхаузен, додека актуелниот бранител на трофејот во Купот, Шалке ја извојува најубедливата победа во колото, од 11:1 против седмолигашот Тенинген. Во последниот натпревар од премиерното коло, вечерва Бајерн Минхен му гостува на второлигашот Ајнтрахт Брауншвајг.
Автор: Тобиас Олмајер/Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска