1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помирување на Москва и Цариград?

Исмет Кочан13 октомври 2008

На собирот на поглаварите и претставниците на 17 православни цркви и патријаршии - прва посета на руски патријарх на Фанарската патријаршија по 98 години. Македонската православна црква не била поканета на собирот.

https://p.dw.com/p/FYMD
Православната црква Свети Стефан во ИстанбулФотографија: AP

Во Истанбул, под покровителство на Цариградската патријаршија, беше одржан пан-ортодоксен самит на кој присуствуваа 17 претставници на православните цркви и патријаршии од целиот свет.

На самитот, кој беше организиран по повод одбележување на годината на Свети Павле, во чија чест беше одржан и симпозиум, освен врховните поглавари на цариградската, александриската, антиохиската и ерусалимската патријаршија и претставниците на српската патријаршија и другите православни цркви од светот, присуствуваше и московскиот патријарх, Алексеј втори. Последен самит на вака високо ниво, во Истанбул не е одржан уште од 1902-та година и на него не беа поканети претставници на Македонската православна црква.

Зошто е важно доаѓањето на Алексеј втори?

Присуството на серускиот патријарх на овој собир е значајно заради тоа што ова (по 1919-та година и познатата „естонска криза„ која настанала кога Цариградската патријаршија и‘ дала поддршка на Естонската и другите православни цркви од балтичките земји за отцепување од Москва) е прва посета на еден поглавар на руската црква на Цариград и Фанарската патријаршија.

Alexeij II.
Рускиот патријарх, Алексеј вториФотографија: AP

Доаѓањето на Алексеј Втори во Истанбул и неговата посета на Цариградската патријаршија е и навестување на можно надминување на долгогодишната криза меѓу двете патријаршии, која го достигна својот врв ова лето, кога севселенскиот патријарх, Вартоломеј втори ја прифати поканата на украинскиот претседател, Виктор Јушченко да присуствува на прославата на годишнината на покрстувањето на Словените од овој регион, што беше одржана од 25 до 27 јули во Киев. Овој чин беше сфатен како отворена поддршка на Цариградската патријаршија на желбите на украинската црква за отцепување од Москва, што меѓу руската и цариградската патријаршија предизвика дополнителна напнатост.

Заштита на непроменливоста на канонското управување

На крајот на собирот, поглаварите и црковните претставници одржаа седница на Сеправославен свет синод, а во патријаршиската црква Свети Ѓорги беше одржана заедничка богослужба, по која е прочитано заедничко соопштение. Во него, претставниците на православните цркви од светот ја истакнаа потребата за зајакнување на заедништвото на ортодоксните цркви и заштита на непроменливоста на канонското управување. Во соопштението е уште истакнато дека, од историски причини, ортодоксната дијаспора во светот преживува различни проблеми и дека е потребно вложување напори православните верници да се држат подалеку од странските верски објекти. Истовремено, нагласена е и потреба за продолжување на дијалогот со другите христијански цркви и еврејската и муслиманската религија, во правец на изнаоѓање пат за мир и напредок во светот.

Patriarch Bartholomäus I.
Севселенскиот патријарх ВартоломејФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема