Поместување од мртва точка
31 март 2011По пет неуспешни обиди да се привлечат инвеститори, најголемиот енергетски проект во Македонија конечно се помести од мртва точка и влегува во втора финална фаза.
Која од компаниите ќе ги гради двете централи на Црна Река по пат на јавно приватно партнерство со Електрани на Македонија ќе се знае на крајот на јули до кога треба да се достават финални понуди. Министерот за економија Фатмир Бесими вели дека во услови на сериозна конкуренција, Македонија ќе добие еден од најголемите проекти во областа на енергетиката кој ќе биде значаен не само од енергетски, туку и макроекономски аспект.
Во трка се шест компании, по една од Велика Британија, Италија, Чешка и Грција и две од Австрија. Два од четирит конзорциуми се од Кореја, односно Кина и Исланд. Владата овој пат значително ги олесни условите за потенцијалните инвеститори. Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски изјави дека не е важна цената на проектот туку моќноста на двете хидроцентрали. Според проценките на консултантите, целиот проект ќе чини меѓу 600 и 700 милиони евра.
Подготвителните активности за реализација на проектот ќе ги реализира АД ЕЛЕМ-Државни електрани. Директорот Влатко Чинговски објаснува дека ЕЛЕМ ќе учествува во подготвителните активности, пристапните патишта, експропријацијата на земјиштето, подготовка на теренот, изградба на трафостаници и приклучување на објектите на мрежата.
На тендерот за проектот Чебрен и Галиште овој пат не е пријавена германската компанија РВЕ која откако во изминатите четири години неколкупати се обиде да го добие тендерот иако имаше најдобри понуди од нејасни причини се повлече. Инаку реализацијата на проектот стар децении треба да ја намали зависноста од увоз на струја во Македонија.
Автор: Костадин Делимитов
Редактор: Жана Ацеска