1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пол Кругмен добитник на Нобеловата награда за економија

Лена Бодевајн14 октомври 2008

Осми пат последовно Американец ја доби Нобеловата награда за економија - Пол Кругмен, остер критичар на владата на Џорџ Буш. Во сегашната државна интервенција на финансискиот пазар тој гледа потврда на своите тези.

https://p.dw.com/p/FYrV
Пол КругменФотографија: picture-alliance/ dpa

Со Нобеловата награда за економија, која се доделува од 1968-ма година, Пол Кругмен е награден поради новиот приод во објаснувањето на меѓународните трговски текови, кои ги надминуваат моделите на класичната економија. Тие модели на пример, не нудат објаснување зошто добро виреат стопанства, кои произведуваат или увезуваат автомобили.

55-годишниот Пол Кругмен, роден во Њујорк, по малку наликува на холивудската ѕвезда Џорџ Клуни, но со брада. Професор е по економија на универзитетот Принстон и колумнист во „Њујорк Тајмс“. Уште пред да го добие ова признание беше многу присутен во медиумите, во блогови во интернет или како автор на книги. Го сметаат за левичарски настроен.

Владата на Буш - омилена цел на критиките на Кругмен

Она што е предвидено со планот на американската влада од 700 милијарди за сузбивање на кризата во финансискиот сектор, кои би биле насочени и кон директно купување акции од банките, тој уште порано го предложи. Притоа, не смета дека е тоа посебно гледиште, оти, како што рече, до ист заклучок дошле редица научници. „Ме вчудовидува притоа како Министерството за финансии повторно презеде погрешни чекори. Крајно време е за нов менаџмент“, вели Кругмен.

Владата на претседателот Џорџ Буш е претпочитана цел на неговите критики. Во своите колумни во весникот „Њујорк Тајмс“ радо го напаѓа пазарно-стопанскиот курс на Републиканците: „Од седумдесеттите години конзервативното движење, кое ја презема власта во Републиканската партија, систематски работи на тоа, да укине се’ што постигна Рузвелт со неговата ’њу дил’ - политика за постигнување поправедно оппштество“ - вели Кругмен.

„Се надевам дека Нобеловата награда нема да ми го промени животот“

Тој и самиот постојано политички се ангажира. Му беше советник на Бил Клинтон во предизборната кампања. Уште пред неколку години побара реформа на финансискиот систем и предупреди од нови кризи. Во своите истражувања бара одговор на прашањето зошто во некои региони има посилни стопански активности, а во други тие опаѓаат.

Откако беше објавено дека е добитник на Нобеловата награда, Пол Кругмен изјави дека се надева оти тоа нема целосно да му го промени животот и дека не сака да оди на многу свечености, освен на врачувањето на наградата.