Полсон кова меѓународен план за излез од финансиската криза
22 септември 2008Планот на американскиот Министер за финансии предвидува пакет од 700 милијарди долари, со кој САД и другите заинтересирани држави со буџетски пари ќе ги откупуваат трулите кредитни зделки на банките и со тоа ќе ги спасат од банкрот. Финансиската бранша дејствува преку државните граници, затоа и помошта во времето на длабока криза треба да биде од меѓународен карактер, ова е основата идеја зад планот на американскиот Министер за финансии Хенри Полсон.
„Нашиот систем го опфаќа целиот свет и затоа ќе извршам притисок врз моите колеги од сите земји да подготват слични програми за нивните банки и претпријатија, ако е тоа потребно.“
Агресивна кампања на Американците
Полсон изјави за американската телевизија дека во кампањата за барање помош од другите земји настапува многу агресивно. САД нудат помош и за странските фирми кои работат на нивна територија, но затоа бараат и од странските влади да им помогнат на американските за возврат:
„Ако некој финансиски институт работи во САД, овде вработува луѓе и ако стане неликвиден поради зделки што не може да ги продаде понатаму, тоа се одразува исто така врз американскииот народ, како да станува збор за домашно претпријатие“ – појасни Полсон.
Опозиционите Демократи поставуваат услови
За да може да тргне најавената програма за помош на банките, на актуелната американска администрација и’ е неопходна поддршка од опозиционата Демократска партија. Таа пак нема намера на владеачките Републиканци да им издаде бланко чек:
„Правиме голема грешка доколку едноставно и’ дадеме на владата чек на 700 милијарди долари без да мора да поднесе отчет за тоа каде ги потрошила и без да ја натераме да води сметка за обичните граѓани кои поседуваат куќи и без да го изразиме нашето негодување поради големото зголемување на даноците“ – порача влијателниот сенатор од редовите на Демократите, Крис Дод.
Тој изјави и дека неговата партија сака изнаоѓање брзо решение и проценува дека пакетот мерки би можел да биде одобрен веќе до крајот на неделата.