1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Половина Европејци сметаат - политичките одлуки се манипулираат со поткуп

3 јуни 2009

Секој 20-ти Европеец во изминатите дванаесет месеци најмалку еднаш платил поткуп. Ова е резултатот до кој дошла организацијата „Транспаренси интернешнл“ која во Брисел го претстави најновиот „барометар на корупција“.

https://p.dw.com/p/I2nz
Фотографија: dpa

Од корупцијата најпогодени се африканските земји Камерун, Либерија, Сиера Леоне и Уганда, каде половината од испрашаните плаќале поткуп. Следат Русија и другите држави од поранешниот Советски сојуз, како и региони во Африка.

Во Европа е релативно добро

Од европските земји посебно се погодени Грција, Унгарија, Романија и Косово, каде индексот на поткупливост изнесува до 22 процента, во Литванија, пак, дури 30 проценти. Во Германија, Франција и неколку други земји, од технички причини, оваа година не е извршено истражување. Во глобални рамки, Европа, сепак, зазема релативно добро место.

Во Северна Америка, напротив, индексот на корупција изнесува само три проценти. За студијата на ТИ биле испитани повеќе од 73 илјади луѓе во 69 земји.

Политичките партии се најподложни на корумпирање

Секој трет Европеец е убеден дека политичките партии се сектор најподложен на корумпирање. Половината Европејци веруваат дека политичките одлуки се манипулирани преку поткуп. Претпријатијата користат мито за да влијаат врз политичките одлуки, сметаат испрашаните.

Transparency International Huguette Labelle in Unragn
Игет ЛабелФотографија: AP

„Јавноста е разочарана од финансиската криза, слабите закони и недоволната одговорност на претприемачите,“ нагласува претседателката на ТИ, Игет Лабел. Таа потенцира, исто така, дека и кај примената на бројните конјуктурни пакети за помош на стопанството, секое евро не завршува онаму каде што треба. Особено е поразително што само секој петти човек од оние кои морале да платат мито, го пријавил случајот. Потребни ни‘ се поефикасни механизми за пријавување на корупцијата, констатира Лабел.

Во споредба со претходните резултати, нема големи промени, велат експертите на Транспаренси. Исклучок се новите независни држави од поранешниот Советски сојуз, Русија, Ерменија и Азербејџан. Индексот на корупцијата од 17 во 2005, сега пораснал на 28 проценти. Заклучок е дека најпогодени се сиромашните луѓе, што води до затворен круг, зашто ако некој заработува илјада долари годишно и од тоа дел треба да плати за мито, за него тоа е многу, потенцира претседателката на организацијата „Транспаренси интернешнл“, Игет Лабел.


Автор: ЖА/ТТ/дпа/епд

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска