1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата уапси противници на Г8

ЖА/дв/ртре/миа12 јуни 2013

Лондон, според левичарските активисти, е упориште на финансискиот капитализам. Пред претстојниот самит на Г8 во Северна Ирска, тие протестираа во метрополата. Британската полиција интервенираше.

https://p.dw.com/p/18o3p
Фотографија: Reuters

Лондонската полиција вчера (11.06) употреби сила за да се справи со антикапиталистите, кои запоседнаа две згради на првите протести против скорешното одржување на состанокот на челниците на група Г8. Акцијата на полицијата заврши со апсења на 32 лица. Скотланд Јард вчера распореди 1.200 полицајци во Лондон по повод најавата за првиот ден од протестите против состанокот на врвот на лидерите на државите од групата Г8, осумте индустриски најразвиени земји.

Полицијата интервенирала „по дојавите дека некои поединци поседуваат оружје и имаат намери да предизвикаат безредија и да направат штета“, објави Скотланд Јард. Стотина полицајци блокирале дел од лондонскиот кварт Сохо, каде што неколку десетици антиглобалисти зазеле напуштена зграда на поранешна полициска станица.

Proteste in London vor G8 Gipfel
Фотографија: Reuters

Истовремено, друга група, исто така од неколку десетици антиглобалисти, започнала нов протест на плоштадот Пикадили. Групата млади анархисти го блокираа сообраќајот во центарот на британската престолнина, а полицијата се обидуваше да ги убеди демонстрантите да го ослободат коловозот. Нивната акција продолжи во доцните ноќни часови.

Челниците на осумте најразвиени земји во светот, меѓу кои и американскиот претседател Барак Обама и рускиот Владимир Путин, треба на 17-ти и 18-ти јуни да се сретнат во Северна Ирска. Мерките за безбедност се засилени пред самитот во Северна Ирска, каде ќе бидат распоредени повеќе од 3.500 полицајци. Зоната за забранети летови ќе важи во текот на самитот над овој дел од Велика Британија, а за набљудување на областа ќе се користат и беспилотни летала.