1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата сака повеќе мигранти во своите редови

Улрике Хумел/ Симе Недевски9 декември 2013

Полицајците во германската покраина Северна Рајна Вествалија често се болни, многу се веќе во години и имаат ограничена служба. Со повеќе мигранти во полицијата може да се реши проблемот. Но дали таа е подготвена за тоа?

https://p.dw.com/p/1AVKy
Фотографија: picture-alliance/dpa

Повеќе од 40 насто од полицајците во германската сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија се постари од 50 години. Потребата за персонал особено е забележлива во справувањето со провалувањето во станови. Полицијата неодамна објави видео спот во кој со рап музика ги повикува младите да станат полицајци. Покраинската полиција отвори и посебна интернет страница на која можат да се пријават момчиња и девојки со странско потекло.

Претседателот на покраинскиот полициски синдикат Ерих Ретингхаус вели дека меѓу доселениците сепак тешко ќе бидат пронајдени соодветни лица: „Во 2012. година ни се јавија 1757 лица со странско потекло. Меѓутоа од вкупниот број на пријавени примивме само 161 лице. бидејќи останатите не ги исполнија условите“, вели Ретингхаус.

„Полицијата е огледало на општеството“

Во најголемиот град во покраината, Келн, се вложуваат големи напори младите со странско потекло да се одлучат да работат како полицајци. Меѓутоа постојат и други причини зошто посебно внимание ѝ е посветено на таа група млади.

Website der Polizei NRW
Интернет страницата на полицијата во Северна Рајна ВествалијаФотографија: Ulrike Hummel

„Полицијата е огледало на општетството. Имаме мултикултурно опшество и држава со голем број доселеници и многу култури. Тоа се отликува и кога станува збор за полицијата“, вели Ретингхаус.

Полицијата се надева дека со зголемувањето на бројот на полицајци со странско потекло ќе се зголеми и прифатеноста на полицијата во градските населби во кои живеат многу странци. Имено , таму ситуацијата честопати излегува од контрола бидејќи младите не ја почитуваат полицијата.

Во полицијата во Келн од 2006. година постојат т.н „полицајци за контакт со муслиманските институции“. „Тие треба да да воспостават доверба меѓу полицијата и муслиманите кои живеат во Келн“, вели полицискиот комесар од Келн, Матијас Феринг и додава:„најважно е стекнувањето доверба. Со муслиманските здруженија и организации, верските лица и одговорните се обидуваме да воспоставиме однос во кој можеме да говориме за комплицираните теми. Од друга страна се обидуваме нашите колеги, значи интерно, да ги информираме за исламот и за екстремизмот“.

Со шамија и кипа на служба

Koran und Bibel im „Raum der Stille“
Просторија за молитва во полициска станицаФотографија: Ulrike Hummel

Приближувањето меѓу полицијата и лицата со странско потекло би можело да го зголеми и бројот на вработени во тој сектор. Меѓутоа дали полицајците во сопствените редови се воопшто подготвени за културна разноликост. Дали полициските мензи нудат храма за муслимани? Што ако колешката дојде на работа со шамија на глава?

„Не сите муслимани кои работат во полицијата, ја практикуваат редовно верата. Специјални правила за време на рамазанскиот пост нема , но индивидуалните случаи се решаваат без проблем“, вели Феринг. Полицијата во Келн нуди просторија која муслиманите можат да ја користат за извршување на верските обреди. Со прашањето за доаѓањето на работа на полициските службеници со шамија или еврејско капче -кипа на главата , според Феринг, треба да се позанимава покраинското министерство за внатрешни работи во Диселдорф.

Во Шведска на пример, полицајките и полицајците смеат да носат шамија, турбан или кипа. Во Велика Британија одамна е сосема нормално војниците, судиите или полицајците со потекло од Индија да носат турбан на работното место. Кога станува збор за Германија, прашањето за носење шамија, кипа или турбан се решава на покраинско ниво. Во Северна Рајна Вестфалија тоа меѓутоа сѐ уште не е законски утврдено.