1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицајци како рапери

Петер Бемер / Александар Методијев22 декември 2013

Полицијата во Германија има проблеми со наоѓање нови кадри. Премалку млади се пријавуваат за оваа тешка и опасна работа. Затоа полицијата во Северна Рајна Вестфалија започна една невообичаена рекламна кампања.

https://p.dw.com/p/1ADBV
Фотографија: Ulrike Hummel

Полицијата во Северна Рајна Вестфалија направи музичко видео и го објави на интернет. Тоа отприлика оди вака: Торбен е опуштен со својот пријател и не е свесен дека се појавуваат двајца полицајци. „Добар ден, полиција НРВ“. И потоа униформираните лица тргнуваат со рап: „Еден, два, три. Здраво Торбен, здраво фраери. Еден, два, три - ти си се пријавил“. Торбен сака да стане полицаец и тоа му успеа, како што му соопштуваат во видеото. „Си се пријавил Торбен за топ работа“. „Денеска споделуваме дека отсега си џандар. Хеј Торбен, јо Торбен, хеј“.

Видеото на Јутјуб е сосема нов пат преку кој треба да се регрутираат нови кадри.

„Ние би сакале соодветно да се модернизираме, сакавме да се репозиционираме и да испробаме други патишта. Ова стана голем тест. Сакавме да зачекориме по патишта кои од нас не се очекувани“, објаснува Виктор Окансеј од Покраинската служба за образование во полицијата на Северна Рајна Вестфалија.

Но, во сопствените редови има и критички тонови.

„Според нашето мислење ова е куклен театар и нема врска со реалната состојба во полицијата“, нагласува Арнолд Пликерт, покраински претседател на полицискиот синдикат.

Deutschland Polizistin
Видеото на ЈуТјуб, според полицијата, ги зголемило бројките на пријавенитеФотографија: imago/Jochen Tack

Многумина сметаат дека нивната професија е исмејувана.

„Бидејќи колегите надвор веќе ги прашуваат за видеово. Меѓудругото ги прашуваат од каде ви е касетофонот со звучниците? Делумно сега им се обраќаат и со имињата Торбен и Мирко“, објаснува Пликерт.

Исто така и сликата за професијата не е реалистично претставена: „Ти не прашуваш за саатница. Ти добиваш оружје, добиваш капа и еден мегафон“, се рапува во видеото.

„Кој сериозно ќе ги сфати видеата - него можам да го разберам. Но, тие воопшто не се сериозни. Тие имаат забавна вредност и така треба да бидат сфатени“, објаснува Окансеј.

На интернет сето ова во секој случај е хит. Има над 400.000 кликови и 1.200 коментари. Некои се позитивни - сметам дека е кул. Многу се и негативни - еден веднаш би дал отказ, а еден друг смета дека ова е срамно.

Патем, раперите воопшто не се полицајци, туку актери. Во секој случај, бројката на пријавени многу порасна - над 7.500 лица се имаат пријавено. Не за кариера како рапер, туку како полицаец.