1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичко влијание и енергија

12 август 2008

Заднината на конфликтот во кавкаскиот регион е политичко влијание, но најмногу се работи за енергија и тоа за нафтоводи. Грузија е дел од транзитниот коридор од Централна Азија кон западна Европа.

https://p.dw.com/p/EvU1
Конфликт во кавкаскиот регион, што е заднинатаФотографија: AP

Грузија е дел од транзитниот коридор од Централна Азија кон западна Европа, а во последниве години станува се‘ позначајна, зашто низ оваа земја поминува вториот по големина нафтовод во светот.

БТЦ, тоа е кратенката за нафтоводот Баку - Тбилиси - Чејхан, ја опишува рутата долга 1760 километри од Касписко море преку Азербејџан и Грузија до турското средоземноморско крајбрежје. Нафтоводот е во функција од пред три години и дневно може да транспортира до 1, 2 милиони барела нафта. Во турското пристаниште нафтата се товара на бродови и доаѓа на западниот пазар.

САД помагаа во изградба на нафтоводот низ Грузија

Изградбата на нафтоводот, раководена од британскиот нафтен гигант БП, од почетокот беше поддржувана од американската администрација. САД со тоа се надеваа на лиферување нафта без влијание од Русија или Иран. Освен тоа американската влада сакаше да ги зајакне младите држави во Јужен Кавказ наспроти Русија. Американскиот експерт за Грузија Сем Гардинер потенцира дека нафтоводот беше изграден против волјата на Русија:

„САД се бореа со силни политички средства за нафтоводот да поминува од Каспиското море преку Грузија во правец на Турција. Русија требаше да остане настрана.“

Претпоставката 4 милијарди долари скапиот грузиски нафтовод, во кој учествуваше меѓу другите и американскиот концерн Шеврон, сега да падне во рацете на Русија, е кошмарен сон за Американците. Уште сега за американскиот нафтен концерн Шеврон е проблематичен делот од договорот со Грузија во кој во кризен случај, грузиската армија треба да го штити нафтоводот. Кризата е тука, само што грузиската војска е немоќна спроти руската.

Грузија инаку прима пари за транзитот на нафтата, тоа е еден од нејзините најзначајни приходи, зашто земјата не располага со позначајни резерви од гас или нафта.

Европско - руски натпревар за азиските енергетски резерви

Паралелно со нафтоводот Баку - Тбилиси - Чејхан, беше изграден малку подоцна и гасовод, исто така од азербејџанскиот Баку низ Грузија до источнотурскиот Ерзурум. И гасот доаѓа од Каспискиот регион.

Во иднина гас треба да доаѓа од Туркменистан и Казахстан преку Јужен Кавказ во правец на западот. Во Централна Азија лежат големи резерви на гас. ЕУ затоа сака да го гради т.н. Набуко гасовод, кој од 2020 година централноазискиот гас треба да го донесе до Австрија и Италија. Овој коридор исток -запад ја погаѓа Русија, која не само што стреми да биде светски надмоќна во испораката на нафта и гас, туку сака да ги контролира и транспортните патишта. Русија сака до 2013 година да ја доврши т.н Јужна траса на гасоводот. Таа треба да поминува низ Црното море и Бугарија и е директен конкурент на европскиот Набуко нафтовод. Се работи за натпревар меѓу Русија и ЕУ во пристапот кон централноазиските енергетски резерви.