1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички маневар или длабок судир?

Свето Тоевски31 јули 2008

Притворот на Зоран Заев - повод, маргинализирањето на ЗЕЛС -причина за бојкот од страна на градоначалниците на опозиционата СДСМ. Како функционира навистина ЗЕЛС и претстои ли целосна блокада?

https://p.dw.com/p/EnhQ
Фотографија: Petar Stojanovski

Закажаната седница на Управниот одбор на Заедницата на општините на Македонија вчера практично не се одржа, поради недоаѓањето на градоначалниците од СДСМ. Потпретседателот на оваа заедница и градоначалник на општина Гази баба, Коце Трајановски, преку соопштение ги повика повторно градоначалниците од СДСМ да се вратат во работењето на оваа асоцијација на локални самоуправи. За Дојче Веле тој изјави: „Искрено, мислам дека оваа состојба ќе биде времена, оти ќе биде надмината од септември, бидејќи, во спротивно, навистина ќе бидеме ослабнати како градоначалници, како локални самоуправи во нејзиното функционирање. Во ваквата работа треба да ги надминеме своите политички партии и во соработка со соодветните министерства да ги разрешиме тие проблеми се‘ со една единствена цел: на граѓаните, кои гласале за нас, да им овозможиме подобри услови за живот.“

„ЗЕЛС треба да влезе во демократски конфликт’ со владата“

Градоначалникот на Кочани од СДСМ, Љубомир Јанев посочува: „ЗЕЛС ја губи улогата, која ја имаше во изминатиот период: да биде, пред се‘, партнер со владата. Постепено започнаа тивко да се одземаат надлежностите на локалната власт преку постојана ситуација на притисок преку органите од централната власт, преку наметнување ситуација дека имаме успешна децентрализација, а, оти, од друга страна, имаме многу неуспешни градоначалници. Што е симптоматично: се апострофираат градоначалниците од опозицијата. “

“Опозиционите градоначалници“, вели Јанев, бараат: „ЗЕЛС и неговото раководство, управниот одбор, мора да биде подостоен, поригорозен и да влезе во демократски конфликт со владата, за да ги брани ставовите на локалната власт“.

Душица Перишиќ, извршната директорка на македонската асоцијација на општини, за Дојче веле изјави: „Од кој пример може да се согледа доволно добро каков сооднос проблемите креираат меѓу локалната и централната власт? Во овој момент имаме некои 15 општини со критичен статус, кои, едноставно, не можат ни да влезат во втората фаза од фискалната децентрализација само од причина што имаат наталожени долгови и тоа не настанати во нивниот мандат, туку наследени од минатите мандати на други градоначалници. Тука ЗЕЛС влегла во некоја соработка со централната власт и има отвотено барање од ЗЕЛС до министерството за финансии побргу и поефикасно да се размислува околу можниот начин како ќе се реши проблемот со долговите.“

„Спектакуларните апсења пред камерите - акт на неодговорно однесување“

Социо-политикологот, Етем Азири од Факултетот за јавна администрација и политички науки на Штуловиот универзитет во Тетово коментира: „Ова е, пред се‘, настојување на градоначалниците на СДСМ да ја мобилизираат македонската јавност дека се случува нешто лошо со демократијата во Македонија. Централната власт треба да биде многу внимателна при преземањето некои конкретни активности. Не можат да се однесуваат неодговорно и народните избраници, како што се градоначалниците, да ги апсат спектакуларно пред телевизиските камери.“

Засега е неизвесно до кога 34 – цата градоначалници – 31 од СДСМ и 3 од Либерално – демократската партија ќе ја бојкотираат заедницата на општини. Наредните денови ќе покажат дали е тоа нивен краткорочен политички маневар, насочен кон пуштањето на Заев од притвор, или, навистина се работи за посериозен и подлабок судир со владата, кој може многу бргу да доведе до стагнација, или до блокада на процесот на децентрализација.