1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички консеквенции од атентатите во Бомбај

30 ноември 2008

По серијата терористички напади во индиската метропола Бомбај, министерот за внатрешни работи Шивараѓ Патил поднесе оставка. За сега е нејасно дали премиерот Манмохан Синг ќе ја прифати оставката или не.

https://p.dw.com/p/G6Dy
Оставката морална обврска: индискиот министер за внатрешни работи Шивараѓ ПатилФотографија: AP

Министерот Патил на средбата на владеачката партија нагласи дека ја носи моралната одговорност за тешките атентати во најголемиот град на Индија и затоа сака да се повлече од функцијата. Во јавноста се појавија гласни критики на негова сметка дека не бил доволно решителен во кризниот менаџамент, како и дека тајните служби, што се во негова надлежност, темелно потфрлиле во извршувањето на нивните задачи.

Пакистанска врска во атентатите?

Полицијата и понатаму интензивно трага по организаторите на нападите во кои животот го загубија скоро 200 лица, а преку 300 се повредени. Според најновите податоци нив ги извршиле вкупно 10 терористи, од кои само еден преживеа. Тој потекнува од Пакистан, додека потеклото на останатите за сега не е познато. Според неговите изјави меѓу другото било планирано да се крене во воздух луксузниот хотел „Таџ Махал“.

Indien Menschen fotografieren nach Beendigung der Kämpfe am Hotel Taj Mahal die zerstörte Fassade mit ihren Mobiltelefonen Mumbai, Bombay, Terrorserie
Минувачи го фотографираат зданието на луксузниот хотел „Таџ Махал“ што имаше централна улога во атентатитеФотографија: AP

Индиските власти го обвинија соседен Пакистан дека е вмешан во нападите. Индијциите укажуваат на терористичката група „Ашкар е Тоиба“, која оперира на територијата на индискиот сосед. Нејзе во 90-тите години помош и’ даваа војската и тајните служби на Пакистан, што официјално беше прекинато по нападите врз САД од 2001. Групата е одговорна и за други спектакуларни терористички акции, како на пример нападот врз индискиот парламент во 2001-та година.

Пакистан ги отфрла обвинувањата

Обвинувањата од Њу Делхи наидоа на категорично отфрлање од Исламабад. „Пакистан не е вмешан во овој одвратен чин и нема никаква причина да бидеме во дефанзива“ - порача пакистанскиот министер за надворешни работи, Шах Мехмуд Куреши. Тој исто така им вети на индиските власти полна соработка на пакистанските тајни служби во расветлувањето на атентатите од Бомбај. „Владата на Пакистан рече дека тајните служби на нашата земја ќе соработуваат. Нашите раце се чисти и немаме што да скриеме. Исто така немаме ни од што да се срамиме, бидејќи пакистанската влада смета оти добрососедските односи со Индија се во интерес на нашата земја“ - посочи Куреши.

Pakistan Deutschland IWF Frank-Walter Steinmeier in Islamabad
Германскиот и пакистанскиот министер за надворешни работи Штајнмајер и Куреши во ИсламабадФотографија: AP

Тој исто така оцени дека информациите за зголемување на напнатоста меѓу двете соседни земји се претерани и порача дека се надева оти проблемите можат да се решат.

Меѓународни апели

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер ги повика обете страни на разум. Какво и да е поинакво однесување може да доведе до сериозна дестабилизација на целиот регион, особено поради фактот што како Индија, така и Пакистан се атомски сили, предупреди Штајнмајер.