1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички Берлин дипломатски воздржан по посетата на Арифи

Силвера Падори-Кленке7 ноември 2012

Иако во разговорите на вицепремиерката Теута Арифи во Берлин и’ беше ветена поддршка, во германската Влада и МНР има воздржаност, наспроти определбата на парламентарците Македонија во декември да стартува со преговорите.

https://p.dw.com/p/16drv
Фотографија: DW

Вицепремиераката за европски прашања Теута Арифи одбра вистински тајминг за посета на германската престолнина. Пораката од разговорите во Владата, сојузното МНР и Бундестагот, како што изјави Арифи е дека „постои задоволство од дијалогот на високо ниво и постигнатото, позитивно е оценет одговорот кон меморандумот, апсолутно очекуваат Македонија да продолжи да биде ориентирана кон приоритетите што си ги постави во врска со Европската унија“.
Од извори од германското МНР, Дојче веле дознава дека македонскиот одговор на грчкиот меморандум е оквалификуван како „нов чекор со нов квалитет и со вистински тон“ кој треба да го отвори патот кон конечното решение на спорот.

На разговорот во сојузното МНР со државниот секретар Емили Хабер, на Арифи и‘ била потврдено дека Германија ги поддржува европските перспективи на Македонија, зашто стабилноста на земјата е значајна за безбедноста во регионот. Што се однесува до најгорливото прашање – добивање датум за преговори на декемврискиот самит на Европскиот совет, во Владата и сојузното МНР е евидентна воздржаност, наспроти видувањата на парламентарците од Бундестагот. Аргумент е изјавата на нашиот извор дека „германската поддршка е потврдена секаде онаму каде е можна, но би било грешка да се дава надеж за доближување до ЕУ , доколку истото не е реално“.

Задача за Бундестагот

Предлогот на Европската комисија за старт на пристапните преговори во декември и паралелно решавање на спорот со името беше на маса и во разговорите на Арифи со Рупрехт Поленц, прв човек на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот.

„Токму сега како Парламент од Министерството за надворешни работи сме информирани околу предлогот на Европската Комисија и дека Бундестагот има право за ова да се изјани. Ова ќе се дискутира најпрво во рамките на кругот на портпаролите за надворешна политика на пратеничките групи и не знам како ќе тече дискуијата. Во секој случај, во минатото жалевме што спорот го блокираше членството на Македонија во НАТО кое трае до денес и сигурно не е добро кога ваква билатерална расправија има влијанија врз Европа“ изјави за ДВ Поленц.


„За жал има проблеми кои не зависат ниту од Македонија ниту од Германија. Има две земји, Бугарија и Грција, кои наметнаа резерви“, вели Петер Вајс (на фотографијата горе), пратеник на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот. И тој беше соговорник на Арифи и дополнува дека Германците работат многу конструктивно во спорот со името да дојде до решение и, онака како си замислува комисијата, пристапните преговори да започнат пред конечното решение на спорот околу името.
„Многу е тешко однапред да се каже како ќе биде! Се надевам дека Европејците во однос на Македонија конечно ќе може да делуваат зашто ова е четврти пат Европската комисија да предлага почеток на пристапните преговори и ние исто како Македонија на ова гледаме со големо незадоволство, зашто поради проблемите кои другите држави ги имаат до сега не можеше да се спроведат препораките на Комисијата.Тоа не е добро и секако дека ние Германците имаме интерес оваа состојба да се промени!“, коментира за ДВ Петер Вајс.

MdB Ruprecht Polenz CDU-CSU
Парламентарците ќе треба да се изјаснат за стартот на преговорите на Македонија во декември - Рупрехт Поленц (ЦДУ-ЦСУ)Фотографија: DW