1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичките партии потпишаа Меморандум за членство во ЕУ

ЕМФ/миа/макфакс16 септември 2013

Седумнаесет парламентарни политички партии, освен Либералната партија и ДПА, денеска (16.09) во Собранието потпишаа Меморандум за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во Европската унија.

https://p.dw.com/p/19iLz
Фотографија: MIA

Меморандумот беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа по забелешките согласност за него дадоа и СДСМ, НСДП и ДУИ. Со овој договор партиите се обврзуваат дека ќе ги спроведуваат сите неопходни активности за исполнувањето на критериумите за членството на земјата во ЕУ, со акцент на сферите на слободата на медиумите, спроведувањето на фер и демократски избори, независноста на судството и борбата против корупцијата и криминалот. Партиите се обврзуваат и на воздржување од дејства кои би го попречиле или пак негативно би влијаеле врз пристапниот процес на Македонија кон Унијата, водејќи сметка за интересот на државата и граѓаните.

Меморандумот не го потпишаа ЛП и ДПА. Според ЛП, потребни се конкретни чекори, а не само манифестирање. Еден од нив, стои во соопштението од ЛП, е Платформата за интеграциите и решавање на спорот за името, предложена од оваа партија до Собранието, но, како што се подвлекува, еден месец од поднесувањето, не е ставена на дневен ред. Потпишувањето на Меморандумот за Либералната партија има смисол само ако Платформата се најде на дневен ред на собраниска седница. Имер Алиу од ДПА наведe дека нивен претставник не го потпишал Меморандумот бидејќи тој е уште една фарса на владејачката коалиција и оти власта е таа која ги кочи процесите на евроинтеграциските процеси.