Defizit Bundeshaushalt
13 јуни 2010Долгот на Германија е изразен со тринаесеттоцифрен број - 1,72 билиона, односно илјада седумстотини и дваесет милијарди евра. Тоа претставува 73 проценти од нејзиниот годишен домашен бруто производ. До крајот на годинава долгот треба да биде заокружен на 1,8 билиони. На секој жител паѓа по 21 илјада евра долг. Кога земјата од овој момент би претстанала натамошно да се задолжува и секој месец би враќала по една милијарда, долгот би го отплатила дури по 140 години.
А секој должник мора да плаќа и камати. Една осмина од приходите на германската држава оди само за отплата на каматите за долгот. Тие, пак, зависат од состојбата на пазарот на пари и кредити.
Долгови со вртоглави бројки
Среднорочен скок на каматите за еден процентен поен, според Сојузот на даночните обврзници, значи покачување на трошоците за каматите за десет милијарди евра годишно. Оваа сметка ги опфаќа само каматите за долговите на федерацијата, на која отпаѓаат 62 процента од севкупниот долг, а не и за 32-та процента долг на покраините и 6 насто на комуните.
За земјите-членки на ЕУ горна граница на новото задолжување е три, а за севкупниот долг 60 проценти од годишниот домашен бруто-производ. Тие граници Германија ги пречекори во периодот помеѓу 2002 и 2005 година, па Комисијата на Унијата отвори дури и казнена постапка. Годинава, со рекордното ново задолжување од 80 милијарди, Германија пак ќе ја пречекори границата на задолжување. Германскиот устав забранува ново задолжување повисоко од нивото на инвестиции предвидено со буџетот, освен кога е нарушена целокупната економска рамнотежа. Но, прашање на толкување е што се инвестиции и кога има нарушена економска состојба.
Автор: Јута Васераб/ Зоран Јордановски
Редактор: Жана Ацеска