Политика во име на господ?
18 мај 2013Спор околу крстот во училниците, полемика околу наставата по религија во државните училишта, дискусија за црковниот данок, обрежување на еврејските момчиња - во односите на религијата и политиката има многу теми кои предизвикуваат дебати и тензии. Тие се специјалност на „Екселенцкластер (поттикнување на истражувања околу одреден комплекс теми, н.з.) религија и политика“ на универзитетот во Минстер.
Телефоните на околу 200 истражувачи кои се занимаваат со овие теми се‘ поретко се мирни. Новинари, политичари и теолози сакаат да знаат кои се причините за верските тензии, каков е односот на верските заедници, кои се трендовите во оваа сфера... Често се бара историско познавање на работите, се бараат проценки на состојбите. Притоа, истражувањата на научниците кои се занимаваат со различни дисциплини во никој случај не се ограничуваат само на Германија.
За разлика од многу други држави, меѓу кои и муслимански држави или Израел, во Германија религијата и политиката, црквата и државата официјално се одвоени. „Долго време се потпиравме врз тоа дека поделбата на политиката и религијата, но и слободата на верско изразување како што се подразбира во западните демократии, е цел која постои ширум светот. Ваквото разбирање на работите, меѓутоа, во последно време е разнишано“, објаснува Барбара Штолберг-Рилингер, на тој начин потенцирајќи ја потребата од истражувања во оваа сфера.
Верската разноликот на многу места е зголемена преку миграциите. Последица од тоа - разнишани се нормите кои биле цврсти. „Тоа во себе има потенцијал за конфликти“, нагласува историчарката Штолберг-Рилингер за ДВ. Таа информира за анкети во Германија, според кои, многумина се на мислење дека слободата на верско изразување за муслиманите треба да важи само во одредени граници.
Тука проценките на експертите се исто толку барани како и во случаите на верски мотивирано насилство или нешто што личи на верски мотивирано насилство. Насилството не е ограничено само на фундаменталистичките муслимани. Има примери и за конфликти меѓу будисти и муслимани во Мјанмар. „Таму една навидум мирна верска заедница станува насилна кон малцинствата“, вели професорката по историја.
„Законите да не се засноваат врз верски убедувања“
Научниците, кои се занимаваат со повеќе од 20 научни дисциплини и потекнуваат од 14 земји, во екселенцкластерот „Религија и политика“ учествуваат со околу 80 одделни проекти. Такво нешто во Германија се реализира првпат. Државата одвојува средства за таа намена. Здружението научници, кое функционира од 2007 година, сега е во втората фаза од реализацијата на проектите. До 2017 година за оваа намена на располагање стојат уште 33,7 милиони евра од сојузот и покраините.
Научниците работат на четири големи истражувачки полиња. Како верските убедувања водат до општествени норми и како тие се менуваат со текот на времето е еден дел од истражувањата. Секуларниот модел на западните држави е „придобивка на раното ново доба“, објаснува Барбара Штолберг-Рилингер, додавајќи: „Во меѓувреме е јасно дека во држава во која живеат припадници на различни религии и атеисти не е можно законите да се засноваат врз верски убедувања“. Според Штолберг-Рилингер, Германија треба да размисли дали привилегиите кои ги уживаат христијанските конфесии да се прошират и на останатите верски заедници или сосема да се укинат таквите привилегии.
Мирен соживот е нешто што може да се научи
Второто поле на истражување ја опфаќа улогата на медиумите, а третата сфера е посветена на религиозниот плурализам - како да се надминат конфликтите и да се постигне мирен соживот? „Многу добро религиозниот соживот функционира, на пример, во Англија, земја со колонијално минато, каде што отсекогаш имало традиција на доселување и верска разноликост“, објаснува Барбара Штолберг-Рилингер. И земји како САД или Холандија, кои според себепоимањето отсекогаш биле верски толерантни и им нуделе прибежиште на верските бегалци, долго време беа предводници во поглед на мирниот соживот. Германија мора уште да учи како да се однесува кон растечкиот дел не-христијанско население. Неопходна е поголема доверба.
Рајнхард Ахенбах е раководител на четвртата научна сфера - „Религија и насилство“. По нападите од 11 септември 2001 година, науката го потцени факторот религија како причина за насилство, оценува професорот Ахенбах. „Сепак, не може да се зборува за ’насилна’ религија.“ Многу повеќе, основа на насилство создаваат општествените и економски причини и политиката на владеење. Радикализацијата на исламот делумно може да се сфати и како контра-идеологија на секуларната, западна култура. Секуларизацијата на едно општество не е доволна за смирување, но тоа поттикнува процеси на размислување: „Основа за секое смирување се законите. Правото, со својата нормативна сила, мора да ги надминува границите на религиите, значи мора да има цивилно право.“ Заклучокот на Ахенбах гласи: „Секуларизацијата е важна за да има мир меѓу религиите.“