1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политиката - единствена фабрика што работи

Ивица Петровиќ/ Александра Трајковска29 август 2013

Секоја власт во Србија ветуваше дека ќе ги департизира јавните функции. Такви ветувања даваше и сегашната влада, но дури и скромните навестувања на такви потези веќе наидоа на отпори во рамките на владејачката коалиција.

https://p.dw.com/p/19XWp
Фотографија: Fotolia/jonasginter

Генералниот директор на Пошта Србија и потпретседател на Партијата на обединети пензионери на Србија Милан Кркобабиќ изјави дека департизацијата е штетна „бидејќи со државен имот не може да раководи никој кого не го верификувале граѓаните“.

Незадоволство поради најавениот процес на департизација повеќе или помалку е присутно и кај другите партии на власт, но барем засега партиските лидери тоа го држат под контрола. Со новиот Закон за јавните претпријатија е регулирано дека директорите на тие претпријатија се бираат на јавни конкурси и дека нема да смеат да бидат членови на организациите на партиите. Опозицијата предупредува дека тие конкурси или сѐ уште не се распишани, или немаат никакви повратни информации за оние кои се во тек.

Србија во секој случај е екстремно партократска држава, оценува за ДВ социологот Весна Пешиќ, бидејќи политичките партии се мешаат и во оние области каде не им е место. Се разбира дека тогаш е логично што има такви изјави од политичарите, вели Весна Пешиќ. Тие сакаат да приграбат што повеќе места во претпријатијата за себе и своите кадри, така што на тој начин дури и младите ги тераат да влезат во партијата на пензионерите, истакнува Весна Пешиќ:

Vesna Pesic
Весна ПешиќФотографија: DW/I. Petrovic

„Тоа е држава во која цвета корупцијата, во која не се смета дека е нешто лошо ако вработиш некого од своето семејство или ако некој се вработи преку партијата. На пример општините се полни со таков кадар и се поставува прашањето зошто толку се борат за тие општини? Затоа што таму вработуваат цела низа од тие невработени партиски армии. И затоа потоа се разбира не функционира ниту локалната самоуправа, пропаѓаат сите комунални претпријатија и пропаѓаат државните претпријатија“.

Цементирање на партократијата

Србија секако е партократска држава и тоа остава погубни последици како на трошење на буџетот така и на развој на демократските институции, смета Немања Ненадиќ, програмски директор на Транспарентност Србија. Изјавите кои стигнуваат од редовите на Партијата на обединети пензионери на Србија Ненадиќ ги поврзува со најавите на некои мерки на новиот министер за финансии, на кои се противи оваа партија:

„Друго можно толкување е дека се смета, дека би требало да се признае реалноста и да се зациментира сегашната партократска политика, која како што гледаме постои и во пракса, но која во некоj случаj нема упориште во законските решенија, бидејќи е спротивна со Законот за државни службеници и Законот за јавни претпријатија“.

Проблематичен изборен систем

Дополнителен проблем е прашањето на српскиот изборен систем, бидејќи тоа го отовора прашањето кои се тие луѓе кои се наводно избрани, вели Весна Пешиќ:

„Кој да кажеме некогаш го избрал Расим Љаиќ на некоја функција? Кога тој бил некаде избран? Не бил. Однапред склучуваше договори да стане министер, да има во паралементот седум претставници, во градот да има толку и толку .... Тоа се сѐ договори кои се прават пред избори. Потoа се вели 'избрал' - па тоа никој не го избрал“.

Партиите како служба за вработување

Еден од резултатите на партиска држава е тоа дека и политичките партии ја преземаа службата за вработување, вели Весна Пешиќ. Политиката стана единствената фабрика во градот која работи, предупредува Весна Пешиќ:

„Значи ако стопанството воопшто не функционира, ако тој дел од системот кај нас целосно пропадна, природно е дека тогаш секој ќе се обиде да се закачи таму каде може да извлече некој динар“.

Немања Ненадиќ истакнува дека партиската држава е еден од генераторите на систематската корупција бидејќи секој кој има намера да направи нешто против јавниот интерес, има можност тоа да го направи со дирекно заобиколување на институциите и одење на местата каде се донесуваат одлуките - а тоа е врвот на партијата, вели Ненадиќ.