1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политиката да мисли на државата, а не на џебот!

8 септември 2010

19 години самостојност, 19 години барање излез од економското дно. Македонија, која ја стекна независноста како најсиромашна република во екс- Југославија, денес е пак на опашката од регионот речиси по сите параметри.

https://p.dw.com/p/P6il
Граѓаните очекуваат повисок стандардФотографија: Petr Stojanovski

Стапката на невработеност изнесува 33,5%, во сиромаштија живее речиси една третина од населението, Бруто домашниот производ по глава на жител изразен во долари е најнизок во регионот.

Од бившите Ју-републики највисок БДП по глава на жител има Словенија, 18.367 долари, за разлика од Македонија со скромни 3290.

Главни забелешки-сиромаштија и низок стандард

Почетокот на осамостојувањето и излезот од социјалистичкото уредување значеше и почеток на коренити промени во навиките на македонските граѓани, кои беа сведоци на болна трансформација на општествениот капитал, економски блокади, еден куп финансиски афери и скандали, војни, конфликти. Избраа шест влади кои досега не го дадоа она што го посакуваат-вистински економски просперитет.

Во анкетата на Дојче веле најголем дел од луѓето се жалат на сиромаштијата и нискиот стандард. Беспарицата според нив е клучниот проблем за сите случувања во земјата.

Mazedonien Land und Leute Fabrik Nähbetrieb in Bitola
Фотографија: Nikos Pilos

Вината за разочарувачките економски резултати експертите ја лоцираат кај политичките гарнитури, но и во општиот амбиент кој го одбележал целиот транзициски период.

Повеќе лично богатење, отколку градење држава

Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии смета дека за актуелната ситуација постојат повеќе причини. Сепак една од клучните забелешки тој ја упатува кон политичките гарнитури кои повеќе се занимавале со богатење, отколку градење држава.

Томе Неновски, универзитетски професор, пак е оптимист дека и покрај негативните влијанија, македонската економија има сили да се соочи со предизвиците.

Во услови на ниско ниво на домашни и странски инвестиции, високо ниво на корупција, широко распространета сива економија и неефикасна, партизирана јавна администрација, Македонија не може да се надева на скоро приближување кон европскиот просек. Експертите сугерираат коренити промени и враќање кон пазарните принципи на економијата во функција на стопанството и граѓаните, а никако на тесно партиските интереси.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска