Полесно барање работа во Европа
29 април 2013Некогаш не се признава дипломата за стекнатото звање, некогаш постои непознавање на јазикот. Има многу причини зошто луѓето во рамките на ЕУ често остануваат во својата татковина, иако невработеноста е голема, а други земји итно бараат работна сила. Европската комисија сака тоа сега да го промени. Комесарот задолжен за вработување, социјални прашања и инклузија Ласло Андор поднесе предлог директива со која треба да се олесни работењето во другите ЕУ-земји.
„Со невработеност во воментов поголема во некои од земјите-членки во споредба со други е уште позначајно да им се олесни на оние кои сакаат да работат во друга земја-членка на ЕУ“, објасни Андор. Неговата идеја е земјите-членки во иднина да бидат обврзани да обезбедуваат информативни центри за барателите на работа и фирмите. Освен тоа, синдикатите и организациите добиваат право да застапуваат странски работници пред суд или пред институциите, ако тие, на пример, се чувствуваат дискриминирани.
Само три проценти работат во друга земја
Причината за предлогот на Андор е високата невработеност во кризните земји во ЕУ. Статистичката агенција на ЕУ – ЕУРОСТАТ во февруари ги објави следниве бројки: Во Грција стапката на невработеност е 26,4 проценти, во Шпанија 26,3, а во Португалија17,5 проценти од луѓето биле без работа. Посебно погодени од кризата се младите луѓе. Во Грција и Шпанија повеќе од половината од младите под 25 години се без работа. Во Португалија, Италија или Словачка околу третина од младите луѓе се без работа.
„Надежта сега е дека невработеноста во погодените со криза земји ќе се намали преку мобилност на работната сила“, оценува за Дојче веле Херберт Брикер, шефот на одделот за истражувања во Институтот за истражувања на пазарот на трудот.
Се чини дека оваа надеж до сега не се остварила, затоа што луѓето и покрај кризата остануваат во своите татковини. Само три проценти од сите Европејци работат во друга земја.
Страв од бироктатија
„Во основа ова е вистинскиот пат за создавање транспарентност на пазарот за труд, но од тоа не очекувам значаен скок во растот на мобилноста на пазарот на трудот“, вели економистот Брикер. Тој смета дека еден дел од предлогот тешко би се спровел поради изобилството, на пример, на преводот и на понудите на работни места на англиски или други странски јазици.
Штефан Хардеге, експерт за пазар на труд во Германската индустриска и трговска комора, смета дека ова движење на пазарот на трудот треба да се искористи, поради недостатокот на стручна работна сила во германските претпријатија, но во исто време предупредува дека новиот закон не треба да создаде поголема бирократија. „За тоа треба земјите сами да одлучат. Тоа не треба да доаѓа од ЕУ“, вели тој.
Примери за ваква помош веќе постојат, дури и во Германија. Таканаречениот „Welcome Center“ во Хамбург дава на својата вебстраница одговори на најчестите прашања за новиот живот во овој град. Темите кои ги покрива се движат од пазарот на понуди на станови, преку парите за породилно боледување до образовниот систем. Образовниот институт на баварската економија, пак, ја претставува својата програма во Мадрид пред млади баратели на работа. Покрај јазичните курсеви и практикантските места, овој институт преку лице за контакт, кое зборува шпански јазик, им помага на младите луѓе и во барањето стан или при поднесувањето документи пред службите. Побарувачката е голема.