1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поларизација на германската политичка сцена околу натамошното проширување на ЕУ

25 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AcPi
Раководните фигури на германските опозициони партии, Христијанско демократската и Христијанско социјалната Унија, деновиве се профилираат со изјави што предизвикуваат загриженост на југо-источниот раб на европскиот континент. Така шефот на ЦДУ Ангела Меркел се обидуваше да ја увери владата во Анкара дека не треба да се труди околу прием во ЕУ, туку да прифати "привилегирано партнерство", што таа и' го понуди. Шефот на сестринската Христијанско социјална Унија Едмунд Штојбер во едно новинско интервју се изјасни не само против прием на Турција, туку и против плановите за пристапување на Бугарија и Романија во 2007-та. Конечно, и евро-парламентарката Дорис Пак во интервју за ДВ се изјасни слично со скепса во поглед на Македонија, која утре во Даблин и официјално ќе ја поднесе апликацијата за членство во Унијата.

И Меркел и Штојбер очигледно се концентрираат на тврдењето дека бродот на Унијата е веќе преполн. Таа наводно мора прво да ги свари сегашните 10 нови членки, а оние кои исто така сакаат во догледно време да и' пристапат, тие треба да соберат трпение - и да чекаат! Како клучен аргумент при тоа се наведува буџетското оптоварување на фондовите на ЕУ, од кои треба да се функционира сегашната и следните рунди проширување. Секако дека во Брисел има моментално бурни дебати околу тоа, како да се финансира проширувањето кога главните нето-плаќачи, поради домашните буџетски проблеми, сакаат замрзнување на придонесите за заедничките каси. ЦДУ и ЦСУ ја ставаат логиката на парите како највисока цел во списокот приоритети. Нивната "штедливост" меѓутоа има и внатрешно-политичка логика, наменета на бројните изборни одмерувања во Германија на покраинско и локално ниво, но и во изборите за Европарламентот.

Но, ваквите популистички пароли дека ЕУ не може да си дозволи натамошни проширувања се само лажни аргументи. Оној кој сака да ги задржи давачките на европските каси на сегашното ниво мора да се зафати за суштинскиот проблем, а тој гласи: речиси 80% од сите издатоци се наменети на субвенционирањето на европските земјоделци и поддршката на структурно слабите региони во земјите членки. ЕУ мора ионака да му се спротистави на ваквото "субвенционистичко лудило"! А ако тоа го стори, тогаш ќе има секако и пари за нови проширувања - Романија и Бугарија за три години, Македонија за 10 или 12, а најверојатно уште подоцна и "демократизирана" Турција.

И уште нешто мора да се забележи на ова место. Меркел и Штојбер до сега не изустија ни збор за уште една земја кандидат - Хрватска. Ова секако се должи прво на фактот што покраината Баварија, во која доминираат конзервативните партии на опозицијата, одржува многу тесни политички и економски врски со официјален Загреб. Второ, актуелниот премиер Иво Санадер е добар личен пријател на Меркел и Штојбер, со оглед на неговата партиска припадност. За него и неговата ХДЗ, лидерите на најголемите германски опозициони партии дури снимаат политички спотови, обидувајќи се да му атестираат подобност за влегување во Европа.

Политички гледано, меѓутоа, нема алтернатива за приемот на сите земји од ЈИЕ во ЕУ. Ако Унијата ги остави уште долго да чекаат пред портите на "европскиот дом", тогаш таа ризикува повторна дестабилизација на регионот. На вакво мислење се не само владеачките социјалдемократи и Зелени во Германија, туку и бројни конзервативни партии од земјите членки на ЕУ. Затоа популизмот на Меркел и Штојбер и нема шанси да стане мнение на европското политичко мнозинство!