1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полабав закон за шпанското крајбрежје

Еберт Матијас/ Жана Ацеска29 октомври 2013

Илјадници куќи и станови на плажа, на кои им се закануваше уривање на шпанското крајбрежје, засега можат да останат. Сопствениците се задоволни, но има и критика. Новиот закон „амнестираше“ 24 илјади објекти крај водата.

https://p.dw.com/p/19DzZ
Фотографија: JMN/Cover/Getty Images

Јулија Траутвајн може да здивне - едногодишниот спор со шпанската држава е завршен. Спор околу тоа дали државата може да и‘ го одземе станот на брегот или не.

„Се чувствува олеснување. Човек не е разочаран од она што го направил во животот, зашто, така да се каже, амнестирани сме. Нашите станови се легални, барем во следните 75 години.“

Јулија Траутвајн веќе ја посетивме пред неколку години. Тогаш сликата беше поинаква.

Spanien Cadaques Spanien Costa Brava
Фотографија: alexsalcedo/Fotolia

Иако Јулија Траутвајн беше легален сопственик, доби писмо од државата за одземање на сопственоста со образложение - нејзиниот стан е преблиску до морето, во заштитен појас.

„Требаше да ни ги надоместат становите. Не можат едноставно да речат: во ред, можете да живеете овде уште 30-40 години, а потоа ова припаѓа на државата. Според мене, тоа е измама“, рече таа тогаш.

Јулија Траутвајн имаше среќа: стариот закон за крајбрежјето со строги одредби веќе не важи. Новата конзервативна влада донесе нов закон. Со него се засилени правата на сопствениците на недвижности, како што е Јулија Траутвајн. Заштитата на природата е второстепена.

Федерико Рамос, државен секретар во Министерството за екологија на Шпанија истакнува:

„Погрешно е да се заштитува само природата, а не и сопственоста на многу луѓе. Со новиот закон им помагаме на сопствениците на недвижности на плажата, кои со труд го стекнале својот имот. Нив мора да ги заштитиме“.

Spanien Alicante
Фотографија: Gianni Ferrari/Cover/Getty Images

Новиот закон за крајбрежјето според екологистите е катастрофален. За време на изгласувањето Гринпис протестираше на покривот на парламентот. Зошто Гринпис се противи, се гледа насекаде по шпанското крајбрежје: градови за туристите - директно на море. Монструозни бетонски замоци во непосредна близина на плажата. Многу од овие хотели не требало да бидат изградени.

Пако Гонзалес од почеток тоа го критикуваше. Тој е еколошки активист и сега стравува дека со новиот закон на шпанскиот брег ќе има уште повеќе градежни престапи.

„Новиот закон за крајбрежјето е донесен за да може уште повеќе да се гради и постојните објекти, како овие, одеднаш да станат легални. Законот го диктираше хотелското лоби во Шпанија, а не луѓето како нас“.

Сржта на новиот закон е: објектите не мораат да бидат оддалечени најмалку 100 метри од водата, туку само 20 метри. За хотелиерите тоа е нова шанса да градат нови хотели блиску до водата.

Шпанските хотелиери можат да здивнат со олеснување. Марија Брандис напротив е меѓу губитниците, за неа законот доаѓа предоцна:

„Токму овде беше мојата куќа. Овде беше влезот. Покрај неа беше гаражата, а горе уште еден влез“.

Од пред неколку години родната куќа на Марија веќе не постои.

„Дојдоа одзади: цивилната гарда, полицајци, камиони и работници. Со нив и шефот на крајбрежната стража. Јас правев кафе во кујната. Одеднаш почнаа да ги кршат прозорците, да уриваат. Како се чувствував? Сакав да умрам. Тој ден ми беше кошмар. Тоа беше шок и за моите деца“.

Куќата на Марија беше преблиску до водата, како и многу други објекти, кои шпанската влада ги урна минатите години. Во согласност со законот, навистина, но крајно спорно. Тоа не се правеше кај хотелиерите и нивните бетонски градби, туку најчесто кај рибарите и староседелците. Имаше повремено и протести.

„Болката не престанува. Сеќавањето на нашата куќа е како врежано во мојата глава“, вели Марија.

Плажата некогаш била средиштето на нејзиниот живот. Денес Марија само ретко доаѓа тука.