Познати сите играчи на НБА -„Ол стар“ мечот
10 февруари 2012Познати се комплетните состави на екипите на Источната и Западната конференција, кои ќе настапат на ревијалниот „Ол стар“ натпревар во НБА лигата.
Меѓу резервите во тимот на Западната конференција на списокот е и Германецот Дирк Новицки, кој минатата сезона го доведе неговиот Далас Меверикс до титулата во НБА а беше прогласен и за најдобар играч на финалната серија против Мајами. Новицки меѓутоа се мачи да се врати во препознатливата форма во годинешната сезона драматично скратена поради „локаутот“ во лигата. Германецот и самиот пред три дена изјави дека со формата во која се наоѓа не заслужува место на „Ол стар“ натпреварот.
Меч за атракција
Резерви на Западната конференција, покрај Новицки ќе бидат дебитантите Ламаркус Олдриџ (Портланд) и Марк Гасол (Мемфис), по втор пат на мечот на сите звезди ќе настапат Расел Вестбрук (Оклахома) и Кевин Лав (Минесота), а место на клупата има и за искусните Тони Паркер (Сан Антонио) и Стив Неш (Феникс).
Во стартната петорка на Западот ќе бидат Коби Брајант, Ендрју Бајнам, Крис Пол, Блејк Грифин и Кевин Дурент.
Во стартната петорка на Источната конференција се Дерик Роуз, Двај Хауард, Леброн Џејмс, Двејн Вејд и Кармело Ентони.
Резерви на Истокот ќе бидат дебитантите Луол Денг (Чикаго), Андре Игудала (Филаделфија) и Рој Хиберт (Индијана), како и Крис Бош (Мајами), Дерон Вилијамс (Њу Џерси), Пол Пирс (Бостон) и Џо Џонсон (Атланта).
Според традицијата стартните петорки кои настапуваат на „Ал стар“ мечот ги избираат навивачите додека клупата за резерви е избор на тренерите. Секогаш атрактивниот ревијален меч меѓу најдобрите играчи од двете коференции во НБА е зенит на возбудливиот „Ол стар“ викенд , во кој меѓудругото има и натпреварување во забивање и во шутирање тројка. „Ол стар“ викендот ќе се оддржи на 25. и на 26. февруари во Орландо во сојузната држава Флорида.
Автор:СН/БГ/мф/ртр
Редактор: Борис Георгиевски