1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарите во Австралија го поцрнеа и Сиднеј

АТ/ афп/ ртре/ апе/ дпа18 октомври 2013

Облаци чад го загадуваат воздухот во австралиската метропола Сиднеј. Тие се последица од пожарите кои ги зафатија нискостеблестите шуми во околината на градот. Стотици куќи се уништени. Властите јавија и за една жртва.

https://p.dw.com/p/1A26w
Фотографија: Mark Metcalfe/Getty Images

Австралиските пожарникарски служби оценуваат дека пожарите на никостеблестата шума се најголеми во последните десет години, тие говорат за „Ден-кошмар“ или за „Инферно“. Во најгусто населената сојузна држава Њу Саут Велс на југоистокот на Австралија според проценките беснееа 100 големи пожари. Еден постар маж почина од инфаркт, сакајќи да ја заштити својата куќа од пламените јазици. Двајца пожарникари мораа да бидат однесени во болница. Не се исклучува можност дека во опустошените региони има и други смртни случаи.

Властите испратија итно предупредување до населението и евакурањето е проширено. Повеќе од 1.000 пожарникари се обидуваат да ги згаснат пожарите.

Најлоша е ситуацијата во Спрингвуд и Литгоу, регион омилен за излети на околу 70 километри западно од Сиднеј. Авионите за гаснење на пожарите воопшто не можеа да полетаат, поради ветровите и лошиот видик.

Во главниот град Сиднеј температурите се искачија до 34 степени. За време на австралиското лето од декември до февруари редовно има пожари на нискостеблеста шума. Оваа година пожарите почнаа невообичаено рано. Причината, покрај високите температури се и релативно малите количества дожд од изминатите месеци.