1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поетско „рандеву“ на Маџиров со Берлинчани

13 јули 2011

Македонскиот автор Никола Маџиров во рамките на „Литературното катче“ во хотелот „Блајбтрој“ имаше целовечерно претставување пред берлинската публика. Се читаа песни од „Преместен камен“, есеи и впечатоци од градот

https://p.dw.com/p/11u5e
Фотографија: DW

Втора година по ред хотелот „Блајбтрој“ во срцето на Берлин е домакин на многу поети од светот кои студиски престојуваат во престолнината во рамките на „Литературното катче“ - заеднички проект со Меѓународниот литературен фестивал. Тука во изминативе шест недели гостин беше и македонскиот автор Никола Маџиров кој синоќа имаше целовечерно претставување.Тој читаше делови од творештвото и говореше за своите патешествија, со посебен осврт на последниот фестивал во Колумбија од каде се врати во понеделникот.

Фасцинантен поет и писател, со лични, длабоки и нежни слики за времето, минатото, просторот, опкружувањето...“ Вака на поетското рандеву со берлинската публика беше претставен Никола Маџиров од неговиот преведувач Александeр Зицман, кој на германски ја препеа збирката „Преместен камен“ која во издание на „Ханса ферлаг“ ќе биде објавена во септември. Берлинската пред-промоција на првиот германски превод, беше и простување на Маџиров од престолнината по шестенедниот студиски престој и прилика да се види кадар од неговото секојдневие.

Lesung mit Nikola Madzirov im Bleibtreu Hotel Berlin
Никола Маџиров и Александер Зицман кој на германски го преведе „Преместен камен“Фотографија: Silvera Padori-Klenke

„Берлин е место каде постојано се враќаме. За мене, зборот дом го има токму тоа значење: место на кое постојано се враќаме! “, вели Никола кој последниве години е во постојано движење. Пишува - патувајќи. Или, како вели, можеби со право и го носи името на заштитиникот на патниците Свети Никола. Но, и презимето - кое асоцира на бездомник. И токму тие теми домот, просторот, сеќавањата се и негови творечки преокупации кои минатата недела ги претстави и на големиот светски фестивал во Меделин во Колумбија.

Поетско светско движење

Lesung mit Nikola Madzirov im Bleibtreu Hotel Berlin
Творештвото на Маџиров се најде во Антологијата на поетскиот фестивал во Меделин (Колумбија)Фотографија: Silvera Padori-Klenke

„Најновото на овој фестивал е што се оформи едно светско поетско движење. Драго ми е што и Македонија стана дел од оваа иницијатива. Се надевам дека поезијата нема да биде на маргините на медиумскиот, социјалниот и гео-политичкиот интерес и дека таа ќе стане активна во општествените и социјалните текови преку одредени акции, настани, одбележувања.Така, таа иницијатиовност ќе ја оттргне поезијата од некоја пасивност што се беше всадила не само во умовите на поетите, туку веќе и кај самите читатели“, кажува за Дојче Веле Никола Маџиров, кој не крие дека е воодушевен од поетскиот фестивал во Колумбија кој е познат по неверојатната публика. На затворањето имало 5.000 луѓе кои слушале поезија 7 часа, кои реагирале на секој стих. Ваквиот вплотен однос меѓу поетите и публиката е светски феномен за што Маџиров коментира:

„Таква публика не само што се раѓа, туку треба да се работи на тоа - поезијата да има таков отворен пристап , да биде дијалог, а не херметички затворена како што ние последниве години свикнавме да ја третираме и прославуваме во некои затворени кругови“.

Сеќавања и сегашност

Од Европа и Јужна Америка, ќе го однесе ли Никола патот и до нашата Струга, која е собиралиште на светската поетска елита и публиката?

„Струга е наше свето место, наш поетски олтар...Сигурно ќе отапутавам таму. Посебено значење дава петдеценискиот јубилеј. Сметам дека е добро доколку и самиот Фестивал се вклучи во светското поето движење со некои поетски читања во текот на годината“, одговара Маџиров.

Неговата поетска и прозна преокупација: сеќавањата на минатото, неопходноста од простувања кои не значат и заборавања, но и актуелните импресии од Берлин ги читаше преведувачот Бенјамин Лангер. На забелешката на Александар Зицман дека Никола со неговите талкања го потсетува на полжавче кое со куќичката на грб е во постојано движење, Маџиров дополнува:

„Веројатно тоа ја симболизира и мојата бавност во пишувањето, во населувањето, во прифаќањето на амбиентите. Трагата на полжавот се познава најубаво на месечеви зраци... А јас пишувам ноќе!“.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Борис Георгиевски