1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поетски мисионери на македонскиот идентитет

17 септември 2010

Годинашниов меѓународен литературен фестивал во Берлин собира десеттици истакнати автори од целиот свет. Меѓу нив се и двајца од првенците на младата поетска генерација во Македонија: Лидија Димковска и Никола Маџиров.

https://p.dw.com/p/PEK5
Македонска поезија во срцето на германската метропола- БерлинФотографија: AP

Македонските поети Лидија Димковска и Нико денеска (17.09.2010) ќе настапат во рамки на „Втората поетска ноќ“ на Берлинскиот литературен фестивал.

Стиховите на Димковска ќе бидат презентирани и утре во „Третата поетска ноќ“. Дојче веле ја праша: со што ќе се претстави?

Mazedonische Dichterin Lidija Dimkovska
Лидија ДимковскаФотографија: Nikola Madzirov

Таа одговара: „Ќе настапам со дел од моето поетско творештво во препев на германски јазик, кој наскоро треба да биде објавен од виенската издавачка куќа ’Кореспонденсен’ и кој ќе опфати дел од песните од моите последни две книги.“

На истото прашање Маџиров вели: „Ќе читам осум книги на македонски јазик. Секако, тие ќе бидат прочитани подоцна и на германски јазик. Тие песни се делумно од последната книга ’Преместен камен’, но, меѓу нив има и мои нови, се’ уште необјавени песни. Годинава на 10-от јубилеен берлински фестивал во фокусот е литературата во Источна Европа. Мило ми е што и Македонија е подеднакво вклучена со свои автори меѓу останатите земји, како што се Русија, Украина, Унгарија и Бугарија и речиси сите земји од посткомунистичкиот блок, а исто така и земјите кои што се на некој начин поврзани со западната европска култура.“

„Македонската литература се повеќе добива статус на развиена литература“

Особено во оваа година тие двајцата имаат зад себе многу други фестивали, поетски читања и други поетски манифестации во Русија, Турција, Америка, Словенија, Австрија, а тоа им претстои во наредните месеци и во други држави во Европа, Латинска Америка и во арапскиот свет. Каков е приемот на македонската поетска реч онаму каде што Димковска и Маџиров учествуваат?

Logo Internationales Literaturfestival Berlin
Логото на Литературниот фестивал во Берлин

Димковска одговара: „Се помалку станува збор за егзотично восприемање на македонската литература за нешто што било непознато досега, што било некако исклучено од светските текови на книжевните случувања. Таа сега веќе добива некој статус на развиена литература не само преку моето учество на неколку светски фестивали, или на Никола Маџиров, Гоце Смилевски и други автори, туку и воопшто. Последното издание на лондонското списание ’Транскрипт’ објави повеќе од 20 македонски автори на германски, француски и англиски јазик. Што значи, интересот за македонската литература и за македонските автори расте се’ повеќе. Но, зависи и од нас самите, не само како автори, туку и како држава, колку ќе придонесеме кон тоа, навистина македонската литература да има статус на литература заедно со останатите литератури, кои се пишуваат на така наречените ’големи јазици’, во земји каде што односниот јазик се зборува многу повеќе отколку, на пример, во двомилионска според населението Македонија.

„Интелектуалците во Европа и сите разумни луѓе немаат никаков проблем со македонскиот идентитет“

Маџиров истакнува: „Насекаде каде што патувам луѓето немаат никакви проблеми да најават дека доаѓам од Македонија, оти пишувам на македонски јазик. Драго ми е што и интелектуалците од Европа и пошироко, како и сите разумни луѓе, немаат никаков проблем со нашиот идентитет. Интересот за нашата литература е се’ поголем. Меѓутоа, тоа е резултат, тоа може да биде резултат само на квалитетно пишување и, секако, на подобро презентирање на нашата литература надвор. Тоа би можело да се оствари само со повеќекратни патувања и со трпеливост во размената на културните ведности. Ова значи преведување едни со други. Не може нашата литература да се презентира надвор, ако квалитетната странска литература не се претставува во Македонија.“

Mazedonischer Dichter Nikola Madzirov
Никола МаџировФотографија: Nikola Pozdravi

Во овој контекст тој продолжува: „Ние ги имаме ’Струшките вечери на поезијата’, имаме многу издавачки куќи, кои објавуваат преводна книжевност и мислам дека тука лежи тајната за почетокот на нашата презентација пред светот. Зашто, без усвојување на светските културни вредности од кој било простор и кое било време не можеме ние самите на таа скала на културни вредности, или вага, да го ставаме нашиот тег. Само така другите можат да ја почувствуваат тежината на таа литература. Сепак, ние мора да сфатиме дека, колку и да зборуваме за културни идентитети, кога ќе се види добра литература, тогаш не се поставува тоа прашање. Се поставува тоа прашање, секогаш само ако е нешто спорно во однос на естетиката. Тоа сум го забележал од моите патувања. Не интересира ли нас зошто Маркес пишува на шпански јазик? Знаејќи дека доаѓа од Латинска Америка? Никогаш не сме го поставиле прашањето дека е тоа јазикот на освојувачите на Латинска Америка. Се концентрираме на неговото дело.“

Тој дополнува: „Работам постојано на новата книга. Го барам она што може да се нарече ’нешто ново’, всушност, разоткривање на самиот себе си, откривање на сопствената поетика. Повеќето од моите песни се преведуваат во многу списанија и, што би рекол Ли Јуан, еден од добитниците на ’Златниот венец’ на ’Струшките вечери на поезијата’: ’Секако, преведувајќи се, запознаваме повеќе јазици, но, дали значи тоа дека ние, луѓето, се разбираме меѓу себе?“

Mazedonische Dichterin Lidija Dimkovska
Лидија ДимковскаФотографија: Lidija Dimkovska

Димковска нагласува: „Учеството на вакви фестивали, каков што е берлинскиот, кој е еден од најголемите во светот со одлично осмислени настапи на повеќе од 200 автори од целиот свет во текот на 10 денови, е вистинското место каде што треба да се чуе и македонскиот поетски збор. Интересно е што во рамки на оваа поетска манифестација ќе излезе и еден вид антологија, составена од нас самите, неговите учесници. Таа антологија ќе содржи песни што ние самите сме ги одбрале од творештвото на други поети. Мојот избор ја вклучува поемата ’На крајот’ од мојата омилена поетеса Марина Цветаева, како и песната ’Чевлите на татко ми’ од нашиот поет Ристо Лазаров. Всушност, на тој начин во Берлин ќе се чуе уште еден македонски поетски збор. Имено, за овој фестивал се вели дека не е само книжевен и поетски, туку и политички, бидејќи преку учеството на поканетите автори се одразува и политичкиот миг на светот тука и сега. Тој политички миг знаеме дека не е сјаен и за многу поразвиените демократии во светот од македонската, но, ниту за многу земји во однос на Македонија и македонското прашање.“

Поезијата на Димковска и Маџиров објавена насекаде во светот

Лидија Димковска и Никола Маџиров продолжуваат да ги градат своите индивидуални поетики, заземајќи се’ позначајни места во релевантните светски антологии. Димковска е застапена во американската поетска антологија „Еко антологија на светска поезија“, чии редактори се Илија Камински и Сузан Харис. Книгата, во која на 592 страници се содржани песни од најзначајните поети на 20 век, е издание на „Зборови без граници“ - партнер на Американскиот ПЕН-центар и на Центарот за литературен превод на универзитетот „Колумбија“. Неа ја објави издавачката куќа „Еко прес“, која е дел од „Харпер Колинс“ од Њујорк - еден од најголемите издавачки концерни. Димковска е единствен автор од Македонија и е меѓу најмладите опфатени со антологијата. Претставена е со песната „Поемата на почетокот“. Антологијата содржи избор на поети како Чеслав Милош, Хорхе Луис Борхес, Пол Валери, Борис Пастернак, Марина Цветаева, Андре Бретон, Октавио Паз, Хулио Кортасар, Георг Тракл, Васко Попа, Константин Кавафис и уште двесте други автори од сите поетски меридијани во светот. Угледното самостојно списание за нова поезија во Велика Британија „Волф“, кое излегува трипати годишно во Лондон, во својот последен број објави поезија од Лидија Димковска, во препев на англиски од Љубица Арсовска и Пеги Рид.

Goethe Gedicht
ПоезијаФотографија: dpa
Bücherstapel
Фотографија: picture alliance/dpa

Поезијата од Никола Маџиров е преведена на десетина јазици во повеќе земји во Европа, Азија, Северна, Централна и во Јужна Америка. Избор од петнаесетина песни од Маџиров се преведени на јапонски јазик во едно од најреномираните јапонски списанија за модерна „Бигл“. Во списанието тој е претставен заедно со угледниот јапонски поет Шунтаро Таникава. Поезијата на Маџиров е поместена и во најчитаниот индиски книжевен магазин „Мјуз Индија“, во австриското списание за литература „Литератур унд критик“, кое се печати во Салцбург, како и во „Манускрипте“ печатено во Грац. На германски јазик, во превод на Александер Зицман, негови стихови и есеј се објавени во најновиот број на германското списание „Ди хорен“, а во списанието „Шрајбхефт“ што се печати во Есен, Германија, во приказот за балкански автори е објавена поезија и од овој македонски поет. Негова поезија е објавена во престижниот американски магазин „Поетри интернешнал“, заедно со поезијата на Пол Селан и Јехуда Амихај. Стиховите на овој предводник на младата поетска генерација во Македонија во октомври ќе бидат промовирани и во разни списанија во Мароко, Уругвај, САД, Узбекистан, Велика Британија и Бугарија. До крајот на овој септември тој ќе одржи поетски читања во Швајцарија, Шведска и повторно во Германија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска