1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поетот Ко Ун добитник на „Златниот венец“ на СВП за 2014

БГ/миа21 февруари 2014

Поетскиот опус на Ко Ун е огромен, напишал повеќе од кој било корејски поет. Издал 140 книги од кои 50 се книги поезија.

https://p.dw.com/p/1BDKJ
Фотографија: DW

Јужнокорејскиот поет Ко Ун е добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2014. година, соопшти Дирекцијата на фестивалот денеска на прес-конференција. Ун (1933) има слава на национален поет и е меѓу најзначајните имиња на светската поезија. Во одлуката на одборот стои дека наградата му се доделува за „…високите уметнички остварувања, особениот поетскиот израз и силината на поетскиот сензибилитет преку кој човекувањето е преточено во поетско творештво“. Во присуство на неколкумина академици, одлуката во МАНУ ја соопштија првите луѓе на фестивалот - директорот Мите Стефоски и претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорго Димоски.

Признанието на Ко Ун ќе му биде врачено во август, за време на 53. Струшки вечери на поезијата. Во писмо до СВП Ко Ун пишува дека наградата од Струга ќе го охрабри уште повеќе да напредува како поет.

„Постоеше едно златно доба на поезијата, кога луѓето првпат почнаа да поставуваат светилници кои гледаа кон полунебјето на океаните од овој свет и ги испраќаа своите зраци-водилки. Оттогаш, светилникот е синоним за поезија. Јас сум убеден дека поезијата ќе продолжи да ја извршува улогата на светилник во иднината на човековата историја“, напишал Ко Ун во обраќањето до СВП по повод изборот тој да биде годинашен лауреат на фестивалот.