1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поемата ја губи битката со кусите поетски форми

20 февруари 2012

Две децении во Македонија во чест на поетот и преродбеник Григор Прличев се врши избор на најдобра поема. Има ли современиот човек време да чита поеми или свесно се врти кон кусите поетски форми?

https://p.dw.com/p/13z6x
Македонскиот писател и поет Ристо ЈачевФотографија: DW

Она што за Англија е Шекспир, за Германија Хесе, за Македонија тоа е Прличев, деновиве во Охрид повторија македонските писателски авторитети. Честувајќи ја сто и деветнаесет годишнината од смртта на поетот Григор Прличев кој за поемата „Сердарот “ во Атина бил овенчан со Ловоров венец и наречен Втор Хомер навратија на неговото блескаво творештво потсетувајќи на голготите на Македонецот, неговата историја и културна преродба.Пред дваесет години беше востановена наградата за најдобра поема на македонски јазик од страна на издавачката куќа „Детска радост “ и охридскиот Центар за култура што го носи името на поетот. Целта да се зачува поемата како поетски израз е постигната, вели писателот и поет Ристо Ѓ. Јачев еден од добитниците на наградата за најдобра поема:

„Со оглед на тоа дека македонската литрература се развиваше и се развива со еден огормен интензитет, најнормално е поемата да биде присутна. Но не е присутна во онаа форма што е позната во Европа и светот. На пример Французите или Англичаните поема ќе наречат една подолга песна. Кај нас кога ќе речеме поема се подразбира еп во кој што има настани и личности. Присутна е и драмата и драматургијата, па може лесно да има и сценска изведба. Денеска во Македонија не се само овие деветнаесет што се наградени и објавени. Ако се разгледа творештвото на Блаже Конески ќе се види дека и тој има поеми и покрај тоа што тој никогаш не учествувал на еден ваков конкурс. Поеми пишувале и другите поети“.

Mazedonien Philologe Dimitar Pandev
Филологот Димитар ПандевФотографија: DW

Поемата го осведочува и јазикот во практика

Поемата треба да се гледа и од лингвистички аспект рече за Дојче веле доктор Димитар Пандев, познат македонски филолог :

„Поемите претежно се појавуваат во романтизмот. Всушност тоа е и времето на националниот подем и разбирливо тогаш доаѓаат до израз и народните јазици и се претставуваат како системи со сопствена структура. Тоа значи дека во една поема е одразен сиот јазичен систем, на тој начин преку поемите се осведочуваат и јазиците во практика. “

Модерниот човек сака куси литературни форми

Во ова динамично време човекот нема време за толку опсежни литературни дела и е толку изграден што може во минимум време да прими максимум информации. Денешниот човек е преактивен за да може да си дозволи да прима илјади и петстотини страници во еден роман, ако може истото дејство и естетско чувство да го прими во околу два часа читање. Време е на покусите дела, но богати со естетика и информации, смета творецот Смиле Наумоски – Брсјак чии дела се преведувани на повеќе јазици и пластично опишува :

Mazedonien Lyriker Smile Naumoski- Brsjak
Поетот Смиле Наумовски- БрсјакФотографија: DW

„Американците издаваат скратени верзии на пример од романот „Војна и Мир“ од Толстој кои што се еднакво вредни и интересни. И за кусо време ќе се доживеее истото како кога би се читал оригиналот. Не може да се опишува еден фустани или една битка на пример на триесет или педесет страници. Сега читателот само што ќе се рече балски фустан знае каков е. Штом се рече катедрална црква човекот знае што е таа и како изгледа. Не мораш како Стендал цигла по цигла да ја опишуваш црквата. “

Годинашниот добитник на наградата за најдобра поема Трајче Кацаров има свој став :

„Без разлика во кој род се изразуваш , кој род го земаш како медиум, за свој ументички израз важно е тоа да е добро. Само тоа те легитимира пред светот како автор или како добар автор. “

Mazedonien Dichter Trajce Kacarov
Поетот Трајче КацаровФотографија: DW

Во Македонија се создава, а не се измислува поезија

Ако направите антологија од најдобрата светска поезија и избор од македонската поезија, нашиот избор ќе биде посилен,вели Наумоски откривајќи ја и дилемата зошто македонската поезија полесно стигнува во светот отколку прозата.Со сличен став е и Ристо Ѓ. Јачев : „Расказот, раскажува, но поетот кажува. Македонската поезија преку народната поезија го задржа топлиот лирски елемент во себе каде што се нагласени и чувството и мислата и сликата. Со тоа ја има лириката во себе и поради тоа е читана и надвор.“

Поезијата лесно наоѓа место на секаде. Колку и да се зборува дека литературата е непреведлива, јазикот на поезијата е универзален. Преку него лесно може една песна да се прекодира. Во македонската поезија има врвни поети како што се: Блаже Конески, Матеја Матевски кои што веднаш ги прифатија современите форми во светската литература и разбирливо можеа да одат чекор по чекор заклучува доктор Пандев :

„Младата македонска поетска генерација бара секакви можности за претставување и нив ги користи. Мислам дека во Македонија од секогаш постоел добар поетски исказ и треба да сме горди што токму словенските јазици,а со тоа поголем број и од европските јазици ја имаат својата лулка или својата литературна основа токму на овие простори. Разбирливо македонската култура е она по што сме најпрепознатливи во светот. “

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Борис Георгиевски