1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поезија е да создадеш слика со зборови

Свето Тоевски21 август 2008

Македонија има многу столбови на својата култура и духовност. Младата поетска генерација е еден од нејзините најсилни адути во ерата на глобализација на културата. Денес се отвораат Струшките вечери на поезијата.

https://p.dw.com/p/F21p
СтругаФотографија: Petar Stojanovski

Кристина Николовска, професорка по теорија и анализа на поезијата од државниот универзитет во Скопје, од творештвото на младите македонски поети, што ќе настапат на Струшкиот фестивал, ги издвојува контемплативната и лирска поезија на Линдита Ахмети и современата урбана поетика на Александра Димитрова: „Заслужуваат да бидат на највисоката скала на вредности и затоа се застапени во најновиот тематски избор на ’Струшките вечери на поезијата“.

Да се создаде повисока творечка

клима за младите поетски творци

Никола Маџиров, еден од првенците на младата поетска генерација, кој, исто така, ќе има свој настап на струшката манифестација, минатата година за збирката „Преместен камен“ во Германија ја доби престижната награда „Хуберт Бурда“ за млади автори од Источна и Централна Европа. А само една година претходно Маџиров залудно двапати му се обраќаше на македонското министерство за култура за помош да ја објави оваа стихозбирка. Мишо Живковски, добитник на годинашнава награда „Петре М. Андреевски“ за својата поетска збирка „Ние“ вели: „Она што го прави сега нашата генерација не е ништо поинакво, послабо, или подобро од она што се прави каде било во Европа, или во светот. Е, сега е сосема друга приказна како се валоризира тоа кај нас и затоа е срамно да се разговара на таа тема “.

Bücherstapel
Фотографија: picture alliance/dpa

Поетот и претседател на Друштвото на писатели на Македонија Раде Силјан во овој контекст се надоврзува: „Треба да изнајдеме форма како и на кој начин да им се помогне и да се создаде повисока творечка клима за нивното појавување и презентирање не само во Македонија, туку и надвор од неа“.

Себеиспитувачката поезија на младите творци – дел на духовната вертикала на Македонија

Какви се сегашните дострели, статусот и третманот на младите автори на поетската реч во Македонија? Професорката Кристина Николовска укажува: „Многу нови струења, нови поетски стратегии, кои што докажуваат дека поезијата е единственото место каде што можеме да размислуваме слободно и да отидеме еден чекор понапред од сите други размислувања, уметности и науки. Ние сме длабоки во тоа себеистражување, тука сме силни многу. Тука е многу силна нашата најдлабока вертикала, тука е и младата генерација, ама на свој начин – преку свои типови на поетско писмо“.

Санде Стојчески, поет и критичар, вели: „Оваа генерација спојува во себе посветеност, талент и предаденост кон уметноста на поезијата. Значи, подготвеност да се работи и да се опстојува на таа макотрпна нива на културата“

Таткото на Линдита Ахмети, Џабир, и самиот поет и предавач на катедрата за преведување на државниот универзитет во Скопје, фрла поглед врз поезијата на албански јазик во Македонија: - „Поезија би била кога ќе создадеме слика од зборови. Тоа е она волшебното, кое се бара од поезијата, тоа е она што го нудат успешно Љуљзим Хазири, Салајдин Салиху и Линдита Ахмети“.

Leipziger Buchmesse
Фотографија: AP

Интензивирање на поетската комуникација со светот - но и меѓу себе во Македонија

Поетот Салајдин Салиху повикува на отворање на прозорците, за да може секој да ѕирне во убавиот свет на поезијата на другиот јазик: „Една добра генерација. Јас би сакал токму овие поети – Македонци да имаат преведена книга на албански јазик, а, исто така, и овие поети – Албанци да имаат книга преведена на македонски јазик“.

Младите автори на разни начини ги афирмираат македонскиот национален и културен идентитет. На иницијатива на Никола Маџиров минатиот месец на интернет – страницата на една од најдобрите светски поетски мрежи за првпат беа претставени пет најугледни македонски поети од постарата генерација, секој со по десет песни на македонски и германски јазик. Маџиров појаснува: „Постои еден меѓународен поетски сајт ’Лириклајн’ “ со седиште во Берлин, на кој е презентирана светската поезија. Во тоа семејство на 49 јазици на овој сајт влезе и македонскиот јазик, рамноправен како и сите други “.

Повеќе млади поети од Македонија и странство ќе учествуваат на така наречената „Ноќ без интерпункција“ на Струшкиот поетски фестивал.