1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подолго работно време за повеќе работни места?

20 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AeSe
Германскиот министер за економија Волфганг Клемент на партискиот конгрес на СПД беше казнет со мал број гласови што му ја потврдија функцијата во партијата. Една од причините за тоа е политичкиот курс на министерот во однос на пазарот на труд. Меѓу другото, тој се залага за подолго работно време, наспроти досега цврстата линија на СПД за покусо работење без притоа помалку да се заработува.

Шлаканицата од партиската база доволно јасно покажува колку провокативниот политички стил на германскиот министер за економија Волфганг Клемент ги разлути неговите сопартијци. Особено силен отпор доаѓа од синдикатите поради заложбите на Клемент за поголема флексибилност на пазарот на труд и за продолжување на работното време.

Германскиот институт за економија неодамна излезе со проценки дека од само еден час повеќе работа неделно би произлегол дополнителен економски пораст од 1,5 процент. Прогнозата на Институтот за идната година за пораст од 1,75 проценти вели дека тоа би ги задоволило долгоочекуваните потреби за поттик на пазарот на труд. Конјунктурните пророци, имено, при толкава стапка сметаат дека ќе дојде до таканаречениот бран на вработување, кој што треба да биде пречекорен за да се отворат нови работни места.

Германските работодавци со години наназад тврдат дека Германија ќе може економски повторно да застане на нозе дури тогаш кога Германците ќе работат повеќе. Примерот на кој при тоа се укажува се најчесто Американците.

Вработените во САД и фактички работат значително подолго отколку во Германија. Просечно годишно тие работат 1.825 часови, што е далеку повеќе од Европејците, иако тие во некои земји на стариот континент се поефкасни од нивните американски колеги. При пресметувањето на продуктивноста по час први се Норвежаните со 38 долари, по нив следуваат Французите и Белгијанците со 35 односно 34 долари. Американците, и покрај подолгото работно време се само на четврто место со 32 долари. При тоа Францизите работат 1.545 часови годишно, а Германците само 1.444 часови.

Експертите сепак предупредуваат дека овие бројки мора да се земаат во предвид со големо внимание. Само со оглед на слабеењето на менувачкиот курс, се изместува сликата за тоа остварува еден работник. Освен тоа, ако се земе предвид дека во САД бројот на вработени е далеку поголем отколку во Германија, тогаш се релативизираат и вредностите на параметрите по глава на жител.

Како контрааргумент на заложбите за продолжување на работното време некои експерти го наведуваат фактот дека тоа ќе предизвика персонални вишоци, многу поверојатни отпуштања и дека ќе го блокира вработувањето на почетници. А сето тоа ќе доведе до нови оптоварувања на социјалните системи, бидејќи ќе опаѓа бројот на социјални обврзници.

Меѓутоа, факт е и дека континуираното скратување на работното време во Германија не доведе до повеќе работни места, поради што некои од аналитичарите аргументираат дека секој кој мисли поинаку ќе треба да ја објасни бројката од 4,5 милиони невработени во Германија.