1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подобар демократски амбиент за слободни медиуми

Владимир Калински3 мај 2012

Трети мај е светски ден на слободата на печатот. Иако по подолго време, слободата на медиумите во светот не бележи опаѓање, Македонија се спушти на 115 место.

https://p.dw.com/p/14oSK
Фотографија: Fotolia/sahua d

На светскиот ден на слободата на печатот, над македонското медиумско небо се надвиснати темни облаци. Деновиве организацијата Фридом Хаус објави голем пад на слободата на медиумите во Македонија, во однос на минатата година. Таа се наоѓа во групата на делумно слободни земји и во моментов е зад сите во регионот. Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Насер Селмани, вели дека треба брзо да се реагира, во спротивно состојбата би можела да стане уште полоша:

„Состојбата со медиумите во Македонија е алармантна. Треба да се превземат итни и радикални мерки. Мислам дека крајно време е владата да сфати дека овие состојби веќе не може да се толерираат, во спротивно Македонија ќе биде во друштво на Северна Кореја и Куба. Ако тоа не ги загрижува луѓето во владата, тоа треба да биде загрижувачки за сите нас.“

Naser Selmani
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Насер СелманиФотографија: Petr Stojanovski

За генезата на состојбите во медиумите и новинарството во Македонија за Дојче веле зборува Ерол Ризаов, долгогодишен новинар на Утрински весник:

„Јас ја имав таа среќа да работам во медиумите во два општествено политички системи. Во еднопартискиот систем и во во плурализмот. Македонија во еден момент стигна меѓу 30-те земји во светот по својата медиумска слобода. Иако бевме незадоволни од тоа, сепак мислевме дека вратите се отворени за едно вистинско високопрофесионално и етичко новинарство. За жал морам да кажам дека тоа беа повеќе наши илузии. Она што се случи во последните десет години, благо е да се каже катастрофално, зошто Македонија се сведе на ниво на земјите со диктатури, со режими, со многу тврди-ригидни опции кон слободата на медиумите. Нашите слободи се исклучително под притисок и под влијание особено во економскиот дел“.

Одговорност кај институциите и новинарите

Директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска, вели дека за подобрување на состојбата на новинарството му е потребен подобар амбиент, но и поодговорни институции и новинари:

„Се разбира дека медиумите можат да придонесат со унапредување на професионалното известување, со примената на професионалните и етичките стандарди во нивното пишување. Тоа мора да се одвива паралелно со ангажманот на институциите, за унапредување на климата во која функционира новинарството од аспект на пристапот на информации, достапност до оние кои треба да декларираат отчетност и транспарентност, преку судството кое ги процесуира предметите за клевета и навреда и т.н.„

Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов, долгогодишен уредник и основач на „Утрински весник“Фотографија: Petr Stojanovski

Дали се потребни нови закони за медиуми?

Пред неколку дена министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески соопшти дека новиот закон за медиуми наскоро ќе и биде доставен на јавноста. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани вели дека постоечките закони за медиуми во Македонија се добри, а проблем е нивната имплементација:

„Ние имаме одличен закон за радио-дифузија и на него му е потребна целосна имплементација. Владата мора да покаже реална политичка волја да ги смени работите. Тоа е конкретно прашањето околу декриминализацијата, да ги дефинираме највисоките надоместоци за клевета и навреда, тоа не можеме да го договориме, да влеземе во листата на закони кои што ја регулираат работата на медиумите и во кои делови тие не се спроведуваат. Знаете дека социјалната состојба на новинарите е катастрофална!“.

Biljana Petkovska, Direktorin des Mazedonischen Instituts für Medien
Директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана ПетковскаФотографија: DW

За да се надмине ваквата состојба, потребно е да се создаде демократски амбиент во општеството како и посилни еснафски организации, коментира Ерол Ризаов:

Излегување од ваквата состојба не може да се случи со одлуки или со (не)донесување на закони. Тоа мора да се случи со демократско зреење на општеството, со забрзување на овие процеси, барем да се вратиме на едни норми и стандарди кои ги имавме пред десетина години за да може да се создаде основа за еден понатамошен раст. Се разбира зајакнување на еснафските организации, на новинарските синдикати и т.н. Тоа е еден подолг процес кој мислевме дека сме го освоиле, а сега гледаме дека не е освоен, дека треба допрва таа битка да ја водиме, а во неа треба да учествуваат и новинарите“.