1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подем на турското стопанство

14 декември 2004

Во моментов турските приходи по глава на жител се движат околу оние на Романија и Бугарија, значи околу една третина од просекот на Европа. По десет години, проценува Европската комисија во Брисел, тие ќе пораснат за една третина. Но, турската влада планира поамбициозно. Во наредните три години овие приходи треба скоро да се удвојат. Амбициозна мешавина од планирање и прогнози.

https://p.dw.com/p/AePl

Во некои бројки Турците веќе денес се подобри од гласот што ги бие: државниот долг сега е јасно под нивото на Грците, Италијанците или Белгијанците. Со вкупен долг помал од 80 насто од брутонационалниот производ, Турција е веќе блиску до критериумите од Мастрихт. Оптимизмот е соодветен на фантастичната 2004 година: турската економија бележи пораст од скоро десет насто, економската криза од 2001 година по структурните реформи, пред се во банкарството, е далеку, вели заменикот премиер Абдулатиф Зенер:

“Турција денес е на многу подобар пат од порано. Тој пат кон стабилна економија ќе го продолжиме“.

Решавачки за стабилизацијата беа, прво, храбрата реформска влада, второ, европската перспектива на Турција и трето, кредитите и реформските програми на Меѓународниот монетарен фонд. Новиот договор со ММФ е пред портите, а фондот опстојува со години на цврст курс на штедење: курс на приватизација и уништување на хронично високата инфалција, со неверојатен успех: наспроти минатата година таа е преполовена на десет насто, во наредните три години треба да се симне на 4 ипол проценти. Министерот за економија Бабакан верува дека турската економија во меѓувреме е отпорна и на надворешни шокови:

"Ја имавме ирачката војна на нашата граница, цените на нафтата енормно пораснаа,а во целиот свет се менуваа каматите. Во Турција во минатиот ноември имавме терористички напади, сликите од разурнати згради во Истанбул го обиколија светот. И покрај сето тоа во последните две години ги задржавме нашите економски цели. Струкурата на нашата економија денес е отпорна на надворешните шокови“.

Сепак, тажна слика е и останува високата невработеност: според планот на владата во наредните години таа одвај ќе падне под 10 насто. Голема маса младо население бара дополнителна работа, додека од причини на штедење се намалуваат местата во јавниот скетор. Едниот волшебен збор е приватизација, другиот Европска унија. Заедно со странските директни инвестиции тоа води, барем така се надева министерот за финансии Унакитан, кон хармонизиран развој:

“Решително ја продолжуваме приватизацијата. Ако на 17 декември биде определен и датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, тогаш ќе се зголеми и интересот на странските инвеститори за нашите проекти за приватизација“.

На продажба се големи државни претпријатија: од турската авио-компанија, преку Телекомот до државните рафинерии.