Повторно штрајк на франкфуртскиот аеродром
20 февруари 2012Германската авиокомпанија „Луфтханза“, која држи повеќе од половина летови на аеродромот во Франкфурт, откажа околу 200 дојдовни и појдовни летови во внатрешниот и меѓународен сообраќај, освен интерконтиненталните летови.
Прекинот на работата на еден од најголемите европски аеродроми почна утрово во 5 часот и ќе трае до в среда во утринските часови.
Синдикатите бараат зголемување на платите на контролорите на летање за 65 до 70 проценти во зависност од стручната подготвеност, како и зголемување на бонусот и намалување на работното време.
Ова е трет штрајк на франкфуртскиот аеродром во помалку од една недела. Во четвртокот поради прекин на работата беа откажани 172 лета, а во петокот околу 300, во најголем дел од „Луфтханза“.
Синдикатите овој пат се одлучија за штрајк поради спорот со управата на аеродромот околу платите и работните услови за околу 200 членови на аеродромскиот персонал.
Франкфуртскиот аеродром, со околу 1.300 летови дневно, е трет по промет во Европа зад лондонскиот „Хитроу“ и парискиот „Шарл де Гол“.
Автор: ЖА/ АТ/ дв/ дпа
Редактор: А. Трајковска