1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно консултации за името

14 септември 2010

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун најави дека за време на Генералното собрание на ОН се можни средби меѓу македонските и грчките политичари, за решавање на спорот за името. Тој од двете страни побара флексибилност.

https://p.dw.com/p/PBTD
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мунФотографија: AP

Преговорите меѓу Скопје и Атина, околу спорот за името, по се’ изгледа се придвижуваат од мртва точка. Пред почетокот на новата 65-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, првиот човек на Светската организација, Бан Ки-мун, одговарајќи на прашењето на дописникот на Дојче веле, потврди дека неговиот преговарач Матју Нимиц почна со нови консултации со двете страни. Бан притоа, на извесен начин не ја исклучи можноста и самиот да се вмеша во преговорите. „Како што тоа го правев во минатото, така ќе продолжам да правам се’ што можам, за да имаме хармонизирана солуција за прашањето за името, кое има сериозни политички импликации”, кажа Бан Ки-мун, кој зборуваше за „компромис” во врска со ова прашање.

Mazedonien UN Vermittler Matthew Nimetz in Skopje
Метју Нимиц при посета на СкопјеФотографија: AP

Тој посочи, дека неговиот специјален пратеник, Метју Нимиц веќе имал „активни дискусии со двете страни за ова прашање”. Бан навести, дека Нимиц токму сега се консултира со македонските и грчките дипломати околу „аранжирање на соодветни состаноци, додека делегациите бидат во Њујорк на Генералното собрание”. Генералниот секретар на Обединетите нации додаде, дека тој целосно го поддржува амбасадорот Нимиц.

Македонските преговaрачи подготвени

Од своја страна, македонскиот амбасадор во Вашингтон Зоран Јолевски, за Дојче веле потврди, дека минатиот петок телефонски разговарал со амбасадорот Нимиц. Но, Јолевски не сакаше да даде повеќе детали во врска со тоа.

UN Vermittler Matthew Nimetz und mazedonischer Botschafter Zoran Jolevski in Skopje, Mazedonien
Метју Нимиц со амбасадорот на Македонија во Вашингтон Зоран ЈолевскиФотографија: Petr Stojanovski

Од дипломатски извори се дознава, дека на евентулни преговори во Обединетите нации, од македонска страна би учествувал претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Се’ уште не се знае, дали од грчка страна би учествувал премиерот Јоргос Папандреу или новиот министер на надворешни работи на Грција, Димитрис Друцас.

Спорот за името трае предолго - сметаат дипломати

Веќе подолго време во Њујорк може да се чуе, дека некои дипломати сметаат, оти преговарачкиот процес помеѓу Грција и Македонија сепак трае предолго, веќе 17 години. Генералниот секретар Бан Ки-мун, и покрај тоа што не може легално да ги натера двете страни да го забрзаат процесот, сепак можеше да интервенира од морална гледна точка, и да апелира првенствено до Атина. Генералниот секретар можеше да се ангажира повеќе, кажа за нашата програма еден дипломат, кој сакаше да остане анонимен. Тој потсети, дека уште пред 15 години, во Њујорк, во седиштето на ОН, е потпишана времената спогодба. Со неа двете страни (Грција и Македонија) се обврзаа, дека се’ додека трае процесот на решавање на спорот околу името, нема да си пречат една на друга при зачленување во меѓународните организации.

Бан Ки-мун бара флексибилност

UN Generalsekretär Ban Ki Moon
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мунФотографија: picture-alliance/ dpa

Генералниот секретар Бан Ки-мун пак, за нашата програма кажа дека тој и понатаму ќе инсистира на флексибилноста кај двете страни: „Имав многу состаноци со премиерот и министерот на надворешни работи на Грција, како и со претставниците на ФИРОМ, за потребата, ова прашање, да му се пријде со чувство за флексибилност и меѓусебно разбирање”, кажа Бан, најавувајќи дека и понатаму ќе бара флексибилност.

Но, генералниот секретар избегна да даде конкретен одговор на нашето конкретно прашање: Дали верува дека спорот со името на Македонија може да стане хронично, „замрзнато” прашање? Тој не кажа, дали верува, дека прашањето за името, ќе биде решено во рамките на неговиот прв мандат како генерален секретар на ОН, до крајот на 2011 година?

Автор: Ерол Авдовиќ

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема