Повик до народот да го поддржи режимот
10 декември 2013Стравувањето во Пјонгјанг е дека смената на Чанг Сонг-Тек, вујкото на младиот лидер Ким Јонг Ун, може да предизвика нестабилност во земјата, прогнозираат аналитичарите. Чанг беше сменет со образложение за извршени „криминални дела“ и предводење на „контрареволуционерна фракција“.
Со веста за неговата смена беа потврдени информациите кои на 3 декември ги објави јужнокорејската разузнувачка служба. Тогаш исто така беше јавено дека биле погубени и двајцата најблиски соработници на Чанг Сонг-Тек, наводно поради корупција.
Според оценките на аналитичарите, смената на Чанг е најголемата промена во севернокорејското раководство откако Ким Јонг Ун го презеде раководењето со земјата по смртта на неговиот татко Ким Јонг- Ил во 2011 година. Севернокорејската агенција КЦНА соопшти дека одлуката била донесена по состанокот на Политбирото на владејачката комунистичка Корејска работничка партија.
„Групата на Чанг Сонг-Тек сторила такви антипартиски контрареволуционерни дела со кои се нагризуваат единството и кохезијата на партијата“, се наведува во севернокорејските државни медиуми.
Државниот весник Родонг Синмун, како и останатите медиуми, денеска (10.12) како прва и најзначајна вест го објавија повикот до народот на единство со предупредување дека Северна Кореја „никогаш не им простува на предавниците“.