1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе смртни казни во помалку земји

Мирјам Герке/Улрике Маст Киршнинг/ СимеНедевски27 март 2012

Амнести Интернешнл го претстави извештајот за смртните казни во светот во 2011. година. На Блискиот Исток бројот на егзекуции двојно се зголемил.

https://p.dw.com/p/14SgY
Фотографија: dapd

Во 2011 година во 57 земји во светот, кадешто смртната казна е се’ уште во сила, се изречени речиси 2000 смртни пресуди. Но иако фактичкото извршување на смртната казна се практикува како што се вели во „само 20 земји“, минатата година биле извршени 676 смртни казни, што е за стотина повеќе отколку во претходната 2010 година, стои во редовниот годишен извештај на организацијата за заштита на човековите права, Амнести интернешнл (АИ).

„Повеќе отколку во остатокот на светот“

Судејќи според извештајот на Амнести Интернешнл забележителен е еден тренд: секоја година се’ повеќе земји ја укинуваат смртната казна (на пример Латвија или Монголија на почетокот на годинава), но затоа расте бројот на извршени смртни казни во оние земји кадешто тоа се практикува. „Постои една мала група земји на чија сметка оди најголемиот број извршени смртни казни“, вели Оливер Хендрих од Амнести Интернешнл. Притоа, пред се’ се мисли на Кина, каде според најновиот извештај на АИ, минатата година се погубени „повеќе луѓе отколку во остатокот од светот“. Вистинската димензија на бројот на извршени смртни казни во Кина и натаму е недостапна, бидејќи Пекинг овие податоци ги третира како државна тајна. Додуша и практиката на смртна казна во Кина во изминатите години беше подложена на реформи, така што, на пример, според најновите законски решенија, секоја смртна казна мора да ја потврди и Врховниот суд. „Но поради недостаток од податоци ние не сме во состојба да провериме дали овие реформи имаат каков било учинок“ , вели Хендрих.

Todesstrafe in China
Кина извршува најмногу смртни казни- точниот број не им се знаеФотографија: dapd

Смртна казна за прељуба

Покрај Кина, најпроблематичен е регионот на Блискиот Исток, каде е забележан драматичен раст на извршените смртни казни. Во Иран, Саудиска Арабија, Јемен и Ирак во минатата година се погубени „најмалку 550 лица“. Ситуацијата е уште понеодржлива ако се фрли поглед на листата на „злосторства“ поради кои во овие земји се изрекува смртна казна: прељуба, хомосексуален полов однос или одрекување од верата. Седуммина екзекутирани се дури и малолетници. Амнести интернешнл се надева дека „Арапската пролет“ и демократските движења на Блискиот Исток долгорочно позитивно ќе влијаат на неодржливата ситуација во поглед на извршувањето на најстрогата казна. Но земјата во која се извршени најмногу егзекуции во регионот, Иран, се’ уште се наоѓа далеку од какви било демократски промени.

Iran Hinrichtung
Јавно бесење во ИранФотографија: MEHR

Смртната казна не е тема во САД

Во рамките на Групата 8, односно најразвиените индустриски земји во светот, смртната казна се применува уште само во САД и во Јапонија. Но додека во Јапонија минатата година не беше извршена ниту една смртна казна, во коморите за погубување во САД се најдоа 43 осуденици. Иако, посебно во странство, постоеше надеж дека со доаѓањето на Барак Обама во Белата Куќа ќе се промени барем до некаде политиката на САД за најстрогата казна, ситуацијата воопшто не се промени. Една од причините треба да се бара во фактот дека политичката одлука за смртната казна се донесува на ниво на сојузните држави, а не на централната власт во Вашингтон. Но и покрај тоа, смртната казна не е тема што ја преокупира американската јавност.

„Она што беше забележително за време на последната предизборна кампања за претседателските избори во САД е видливо и сега: смртната казна не е тема која ги интересира избирачите“, вели Оливер Хендрих од АИ.

Европа има своја „црна овца“

Weißrussland Metro Anschlag Hinrichtung
Владислав Ковалјов и Дмитриј Коновалов месецов беа екзекутирани во БелорусијаФотографија: Reuters

Во Европа смртната казна, со исклучок на Белорусија, е укината. На почетокот на март годинава во Белорусија беше извршена смртна казна врз две лица обвинети за терористичкиот напад во подземната железница во Минск. Апелите на меѓународните институции до официјален Минск да се откаже од извршувањето на егзекуциите останаа без учинок.

Според Амнести Интернешнл, во делови од светот, во затворите извршување на смртната казна очекуваат околу 18.750 лица. Најголем дел од нив се осудени на најстрогата казна во судски процеси кои не ги исполнуваат меѓународните правни норми.