1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победи на фаворитите и ефикасност на напаѓачите

16 октомври 2006

По двонеделна пауза продолжи првенството во фудбалската Бундеслига. Вердер, Баерн и Шалке ги потврдија амбициите во борбата за титулата. Хамбургер во се’ подлабока криза

https://p.dw.com/p/AehX
Од натпреварот Бохум-Вердер Бремен
Од натпреварот Бохум-Вердер БременФотографија: AP

Белег на седмото коло од Бундеслигата му дадоа победите на фаворитите и ефикасноста на напаѓачите. Гостите поминаа добро – победија во четири натпревари, а во уште два извлекоа нерешено. На 9-те средби се постигнати 35 голови – речиси 4 по натпревар, а само две екипи – Баер Леверкузен и Бохум не успеаја да ја затресат противничката мрежа. Бохум доживеа бродолом на домашен терен – по поразот од Вердер со 6 спрема 0 се закотви на последното место на табелата.

„Од наша страна тоа беше дебакл. Ние сме единствените кои го расипаа штимунгот и мислам дека имеме причина да се срамиме“ – капитенот Томас Цдебел не се поштеди себе си и соиграчите.

Вердер пак ја презема лидерската позиција, следен од Баерн и Шалке, сите три екипи со по 13 бодови. Во дербито на колото Баерн не и’ даде шанса на Херта. Во победата од 4 спрема 2 значаен удел имаше репрезентативецот Лукас Подолски со два постигнати гола. Со тоа како да покажа дека сепак место му е во првиот тим – досега почесто седеше на клупата за резервни играчи.

Хамбургер никако да излезе од кризата – дома загуби од Шалке, сега е на претпоследно место и е единствениот тим кој уште нема забележано победа во новото првенство, иако стартуваше со амбиции да се бори за титулата.

Веднаш зад водечката тројка се најде новиот прволигаш Алеманија Ахен со трите бодови освоени на гостувањето кај Мајнц и победата од 3 спрема 1.

Нирнберг загуби чекор со водечките тимови, откако дома одигра само нерешено 1 спрема 1 со Арминија Билефелд.

„Многу се налутив, во прв ред поради нас. Ние игравме како да сакаме да го браниме првото место или како да бевме пред средбата на осма позиција“ – прокоментира тренерот Ханс Маер.

Ова беше петто последовно реми на Нирнберг, кој заедно со Ајнтрахт, се единствените досега непоразаени тимови. Ајнтрахт во ова коло освои бод во Хановер играјќи 1 спрема 1.

Натпреварот во Котбус донесе пресврти, но на крајот се радуваа гостите од Дортмунд – Борусија го совлада тимот на Енерги со 3 спрема 2.

„Мора да се прифати поразот – казнети бевме од две стандардни позиции, останавме со празни раце и сега сме на два бода до позициите од кои се испаѓа од лигата“ – рече тренерот на Енерги Петрик Зандер.

Домаќините беа убедливи во Штутгарт, каде Баер Леверкузен беше испратен со три голови во мрежата, како и во Мехенгладбах, каде Волфсбург исто така прими три голови, но барем постигна еден почесен. Борусија Менхенгладбах, предводена од Јуп Хајнкес, славен и како играч и како тренер, од сенка – во моментов на петта позиција со бод помалку од водечката тројка, чека шанса во борба за местата што отвораат врата од европските купови.

Од фудбалот и информацијата дека шестмина германски фудбалери се на списокот од 50 играчи кои конкурираат за избор за најдобар фудбалер на Европа за 2006-та година во организација на францускиот весник Франс-фудбал. Тоа се Балак, Клозе, Леман, Подослки, Швајнштајгер и Лам. Изборот ќе биде познат на крајот на ноември. На списокот, инаку, има 11 Французи, и седуммина Италијанци. По клубови, Челзи е најзастапен со девет играчи, 8 се од Барселона, петмина од Олимпик Лион и по четворица од баерн Минхен и Арсенал. Последен Германец кој беше избран за фудбалер на годината во Европа Ббеше Матијас Замер во 1996-та година.