1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на „чистиот господин“

Тони Гламчевски28 јули 2008

Годинашново издание на Тур де Франс е едно од најбрзите во историјата на најпрестижната велосипедска трка во светот. И покрај привидната неизвесност, очекувано победи Шпанецот Карлос Састре од данската екипа ЦСЦ.

https://p.dw.com/p/El9V
Фотографија: AP

Победничката екипа, ЦСЦ од Данска и индивидуалниот победник се предводени од еден поранешен победник на Тур де Франс, Бјерн Рис, кој единаесет години по победата призна дека користел недозволени средства. Сепак, Карлос Састре, после Переро и Контадор, на Шпанија и‘ ја подари третата по ред победа на Тур де Франс. Со синот на грбот и облечен во жолтата маичка, Састре ја прослави победата на Тур де Франс без еуфорија, заедно со своите најблиски.

„Мислам дека победив на Тур де Франс на убав начин, го дадов најдоброто од мене, лично за мене и за мојата земја. Мојата екипа ми помогна многу. За мене ова беше прекрасна трка и мислам дека велосипедизмот излезе поголем на крајот“, изјави Карлос Састре, веднаш по примањето на жолтата маичка на Елисејските полиња.

Втор е Австралијанецот Кадел Еванс, пред третопласираниот Австриец Берхард Кол, кој е најдобар специјалист за планинските етапи. Во пласманот по поени, прв е Шпанецот Оскар Фреире, додека Германецот Ерик Цабел е трет. Луксембуржанецот Анди Шлек е најдобар млад учесник на трката.

3500 километри долгата трка беше извозена релативно брзо, со просечна брзина од 40,4 километри на час, што претставува петто најдобро време во историјата на трката.

Годинашнава Тур де Франс се најавуваше како трка на обновата, но како и во изминатите десет години таа повторно беше извалкана со допинг скандали. По самото пристигање во Париз беше објавено дека Казахстанецот Фофонов бил контролиран позитивен на претпоследната етапа во Сент Етјен.

Италијанецот Рикардо Рико сонуваше за победа и слава, но во Нарбон, откако беше контролоиран позитивен, тој беше приморан да ја напушти Тур де Франс, исвиркан од публиката и со жандармериска контрола.

„Ова го докажува квалитетот на анти допинг програмата. Потоа е потребна медиумска контрола, но тоа докажува дека контролата функционира!“, вели Кристијан Прудом директорот на Тур де Франс.

Француската антидопинг агенција изврши 250 контроли - Бертрам, Дуањас, Рико и Фофонов беа откриени дека користат недозволени средства и исклучени од трката.

„Ние направивме анализи на крвта на сите 180 учесници пред почетоткот на трката, неколку беа конторлирани во По и тие кои што имаа лош профил на анализата на крвта, имаа подобра крвна слика при втората контрола. Што докажува дека или се во подобро здравје или се откажаа од некои производи“, објаснува Пјер Бордри, директорот на француската агенција за борба против допингот .

Но, и покрај скандалите публиката и натаму и останува верна на Тур де Франс: „Таа сепак останува голем национален празник.“

Ако 2008 не беше трка на обновата, да се надеваме дека беше трка на надежта.