1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на цивилното општество во Романија

Кено Ферзек/Б. Георгиевски15 септември 2013

Романската влада најави дека ќе го стопира спорниот проект за експлоатација на злато во селото Росија Монтана. Но, тоа не е единствен таков проект. Цивилното општество победи во една битка, но во војната се‘ уште не.

https://p.dw.com/p/19hlu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Еуген Давид, земјоделец од селото Росија Монтана во западниот дел на Карпатите има причини да се радува: поради тоа што и тој како Давид го победи Голијат олицетворен во една моќна корпорација. На почетокот на неделава, романската влада по 16- годишен спор соопшти дека се откажува од спорниот проект за експлоатација на злато и сребро во тоа село. Најголемиот спор го предизвика планот за конструкција на базен-резервоар со вода загадена со цијанид која се користи во постапката за издвојување на чисто злато од рудата. Беше предвидено на тој начин да се добијат околу 300 тони злато и 1.600 тони сребро.

Росија Монтана е рударско место во кое веќе подолго време постои рудник за злато кој е во сопственост на државата и прави големи загуби. Затоа романската влада, на почетокот на веков одлучи да го прошири и модернизира, а таквата задача и ја довери на фирмата РМГЦ (Росија Монтана Голд Корпорејшн). Оваа компанија од 2002. година почна да купува земјиште во селото со намера да го расчисти теренот и да изгради нови постројки. Еуген Давид не сакал да го продаде својот имот и стана еден од иницијаторите на протестите кои го следеа проектот од самиот почеток. Сега вели дека се‘ уште нема причина за славје.

„Засега постои само политичка изјава за стопирање на проектот. Ќе им верувам дури кога ќе донесат закон со кој во Романија еднаш и засекогаш ќе биде забрането прочистувањето со цијанид“, вели Давид.

За волја на вистината, однесувањето на премиерот Виктор Понта и неговата владејачка Социјалдемократска партија се‘ уште е неодлучно. Откако во понеделникот го запре проектот во Росија Монтана, Понта во меѓувреме продолжи да се залага за него. Во средата, во едно интервју, тој изјави дека Романија не смее да испушти една така вносна инвестиција. Но, нагласи дека тој лично и натаму е против експлоатацијата на злато со цијанид и дека истото нема да го поддржи.

Еколошки спорни проекти

Таквото лавирање на Понта за Петер Екштајн Ковач, поранешен советникот на шефот на државата Трајан Басеску, е „чудна двојна игра“. Владата во моментов ги држи отворени сите „мали врати“ преку кои проектот се‘ уште би можел да се протурка. Притоа, спорниот проект на Карпатите не е единствен: владата на Понта принципиелно одобри повеќе проекти на експлоатација на природни богатства и суровини кои еколошки се многу проблематични.

Rumänien Proteste in Bukarest gegen Goldbergwerk Rosia Montana
Протести на граѓаните против рудникот во Рошија МонтанаФотографија: DW/H. Pepine

Една од тие одлуки е и одобрувањето за повторна експлоатација на злато на северот на земјата во Баја Маре. Таму во јануари 2000. по пробивањето на браната во реките Тиса и Дунав истекоа речиси 100 илјади тони цијанид и кал со тешки метали и тоа претставуваше една од најтешките еколошки катастрофи во европската историја. Работата сега ја обновува фирмата Ромалтин, која му припаѓа на еден казахстански концерн. Ромалтин планира да добие злато од милионите тони необработен материјал кој останал во рудникот.

Еколошкиот активист Ѓерѓ Татар во градското собрание на Баја Маре издејствува забрана за прочистување на златото со цијанид на подрачјето на градот, но Ромалтин тужеше поради таквата одлука.

„Владата конечно ќе мора да се изјасни за сево ова. Не може да се запира работата во Росија Монтана, а кај нас да се дозволува експлоатација со помош на цијанид“, вели Татар.