1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на животот над смртта

4 април 2010

Илјадници христијанстки верници, православни и католици, во црквите низ Македонија со биењето на камбаните и црвени јајца го дочекаа воскресението Христово. И овој Велигден со желби за мир, љубов и благосостојба.

https://p.dw.com/p/Mmw6
Г.г. Стефан, Поглавар на МПЦ ОАФотографија: DW/Stojanovski

„Христос воскресна ! Навистина воскресна !“ Ова е вообичаениот поздрав меѓу православните што се слуша со векови за Велигден и со кој по традиција тие ќе се поздравуваат се‘ до Спасовден. Велигден е празник на љубовта и мирот. За христијаните, Велигден е триумф на животот над смртта и доброто над злото. Ден кога Исус Христос воскреснал од мртвите по неговата смрт со распнување, и ја докажал божествената моќ. Годинава Велигден заедно го слават и православните и католиците.

Велигден му дава смисла на постоењето на човекот

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија  г. г. Стефан  на верниците им порача :

„Денеска е денот што му даде значење на нашето постоење, денот што го оправдува нашето создавање. Во тој настан се исполниле сите надежи, се објасниле сите маки и страдања. Со воскресението на Христос спасителот осознаена е иднината, осмислено е минатото и разбрана е сегашноста.“

Orthodoxes Osterfest
Фотографија: AP

Архиепископот Охридски и Македонски  г. г. Стефан  Воскресната литургија ја одржа во Соборниот храм „Св. Климент Охридски “ во Скопје. Од Католичката црква „Пресвето срце Исусово “ бискупот скопски  Киро Стојаноски честитајќи го  Велигден рече:

„Каменот поместен од Исусовиот гроб сведочи дека вистината не зависи од луѓето, ниту од бројот на оние кои ја сметаат за вистина. И кога е надгласана и замолкната, вистината не престанува да биде вистина. Неговото воскресение не повикува на подготвеност за умирање на сопствената себичност и времените интереси.“

Убаво е што Велигден заедно го слават православните и католиците

Православните храмови се преполни. Митрополитот Тимотеј богослужбата ја одржа на Плаошник

Во Охрид и во католичката црква „Св. Кирил и Методиј “ беше дочекан најрадосниот миг кај христијаните – Воскресението Христово. Невија е од Хрватска живее во Скопје, а во Охрид го дочека Велигден:

„Многу е убаво што славиме заедно. Го славиме заедно со семејството и пријателите. Бог и природата го споија празникот како еден Бог, една вера за сите. Католиците и православните, сите заедно. Човек сам ништо не може да слави “.

Мирко е средовечен Охриѓанец.Тој се радува што народот и‘ се враќа на црквата и потсетува на заедништвото меѓу луѓето кое полека исчезнува.

Flash-Galerie Ostern Traditionen in den verschiedenen Ländern
Фотографија: AP

„Гледам многу млад свет. Во минатото ги немаше. Тогаш ги немаше и средовечните, само старите беа по црквите. Порано, не знам дали и денеска е така, во некои села сите заедно со песна и игра и заеднички ручек го славеле празникот.“

Охрид и овој Велигден ги отвори храмовите за верниците не само од Македонија, туку и од Бугарија и Грција. Грците ја пропуштија Прочка, ама за Велигден ги има околу 1000 по хотелите.

И покрај кризата, во секој христијански дом  на трпезата има од се‘ по нешто. Велигден е најголемиот христијански празник. Тој е можност за посета на најблиските, пријателите. Црвеното јајце се разменува, ама им се дава и на лицата од друга вероисповед. Велигден значи и почеток на нов циклус будење на природата и новиот живот.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска