1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Победата на Мурси значи дека револуцијата продолжува“

Викторија Клебер/ Симе Недевски/дпа/ртр/афп25 јуни 2012

Кандидатот на Муслиманското братство Мохамед Мурси и нов претседател на Египет пред себе има големи предизвици: да ги обедини револуционерите, да им се наметне на своите противници и да се бори за поголеми овластувања.

https://p.dw.com/p/15Kli
Фотографија: AP

Славјето на централниот плоштад Тахрир, како и на секоја улица во центарот на Каиро, беше огромно и траеше до раните утрински часови. Впрочем, победата на Мохамед Мурси на претседателските избори е историска. За првпат во историјата на Египет претседателот е избран на слободни избори, за првпат цивил ќе биде шеф на државата, а згора на тоа и „Муслимански брат“.

Пред 18 месеци тоа беше незамисливо. „Муслиманските браќа“, кои тогаш под режимот на Хосни Мубарак беа прогонувани и затворани, сега се политичка сила број еден во земјата. Сепак изборниот резултат беше тесен. Околу 52 насто од дадените гласови ги освои Мурси, односно околу 890 илјади повеќе од Ахмед Шафик, последниот премиер под режимот на Мубарак. За Мурси притоа не гласаа само „Муслиманските браќа“, туку и бројни други револуционери како Рана Габер.

„Јас сум речиси посреќна дека Шафик загуби, отколку дека Мурси победи“ , вели Габер. „Победата на Мурси значи дека револуцијата продолжува“, додаде таа.

„Претседател на сите Египќани“

63-годишниот дипломиран инжинер Мохамед Мурси, кој сега е и нов претседател, има големи задачи пред себе. Најпрвo тој треба повторно да го обедини револуционерниот табор. Многу активисти беа разочарани од „Муслиманското братство“, бидејќи честопати поради алчност за моќ ги оставило на цедило.

Но, Мурси мора со своето политичко дејствување да ги помири не само револуционерите, туку и противниците. Речиси половина од избирачите, имено, гласаа против него. Многу Египќани стравуваат од исламска држава. Една од нив е и Амира Салем.

„Стравувам дека Египет ќе стане втор Иран или Авганистан. Тоа не смее да се случи“, вели таа.

Mohammed Morsi Gewinner Präsidentschaftswahl Ägypten
Славје во Каиро до раните утрински часовиФотографија: AP

Мурси во првото обраќање како шеф на државата се означи како „претседател на сите Египќени“ и упати повик за обединување на земјата. Тој им оддаде почит на загинатите во народниот бунт од јануари и февруари минатата година, кој доведе до соборување од власт на властодржецот Хосни Мубарак и најави „продолжување на револуцијата“. Сепак Мурси не ги коментираше најновите одлуки на владејачкиот Воен совет за ограничување на моќта на претседателот. Но, токму тоа ќе биде најголемата битка на Мурси, доколку се разбира не е направен политички договор зад затворени врати, како што се шпекулираше во изминатите денови. Зашто Мурси е претседател речиси без моќ, со оглед дека Воениот совет му одзема голем број овластувања и во изминатите недели ги присвои за себе.

Честитки за Мурси од странство

Мурси во своето обраќање вети дека ќе се придржува кон сите меѓународни договори. Имено Египет, покрај Јордан, е единствената арапска држава која има склучено мировен договор со Израел. Честитки за неговата победа веднаш пристигнаа од САД и Израел , ЕУ и од Германија. Белата Куќа оцени дека станува збор за „крупен чекор напред кон демократскиот пресврт во земјата“. Израелскиот премиер Бенјамин Нетнјаху истакна дека неговата земја го цени „демократскиот процес“ и се надева на натамошна соработка врз основа на мировниот договор. ЕУ го оцени развојот на настаните во Египет како „историски“ за земјата и за целиот регион. И германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле му честиташе на Мурси, но истакна дека патот до демократијата е се’ уште долг.