1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Плаќање со мобилен телефон

ЕМФ/миа2 ноември 2012

Македонските граѓани од крајот на оваа година ќе можат одредени услуги да плаќаат преку мобилен телефон, интернет или кабелски провајдер. Поединечните износи ќе бидат ограничени на 1000 денари.

https://p.dw.com/p/16bz8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Вакви промени се предвидени во измените на Законот за платен промет што денеска (02.11) ги објави македонскиот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески

„Со измените на Законот за платен промет се воведува една современа можност за дополнителен метод и начин за плаќање на услугите преку користење на мобилните телефони или преку користење на интеренет и кабелските провајдери. Имено, со измените на законот, се овозможува мобилните оператори во договор со субјектите кадешто ќе се вршат услугите да постават терминали и со приложување на мобилниот телефон на тие терминали, исто како што со кредитна картичка се врши плаќањето, да се активира вашата сметка на мобилниот телефон со внесување пин и да се плати сметката. Потоа, на крајот на месецот, трошокот ќе биде вклучен во фактурата која ќе ви ја достави мобилниот оператор. Истото ќе може да се направи преку сметките за кабелските и интернет провајдерите“, појасни на денешната прес-конференција министерот Ставрески.

Тој додаде дека така ќе може да се плаќа и за артикл или некоја услуга која е порачана од дома и испорачана во домот.

Според министерот ова ќе придонесе за зголемена конкуренција во платниот промет, намалување на провизиите и олеснување на граѓаните од аспект на тоа - кога треба да платат некоја услуга да имаат повеќе опции на располагање.

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Зоран Ставрески: Ќе се зголеми конкуренцијата во платниот промет и ќе се намалат провизиитеФотографија: MIA

Според измените во законот, плаќањата кои ќе можат да се вршат преку мобилните оператори и преку кабелските и интернет провајдери, ќе бидат ограничени за поединечен износ до 1.000 денари, а вкупно во текот на месецот 6.000 денари. Кај поединечните оператори ограничувањето на вкупните трансакции што може да се платат на ваков начин е 100 милиони денари месечно за сите корисници на услуги.

За да може да се користи оваа можност ќе треба да се склучат договори меѓу операторот, односно посредникот, и оној којшто ја дава услугата, а исто така ќе треба да бидат и исполнети критериумите за вршење на платниот промет на Народната банка, што значи дека секој од овие мобилни оператори, кабелски и интернет провајдери, ќе треба да добие одобрение од Народна банка преку исполнување одредени капитални и технички услови. Ставрески истакна дека претходно е разговарано со мобилните оператори, на чие барање е и направена измената и оти од нивните информации веќе некои мобилни оператори прават технички подготовки за воведување на вакви услуги.